Зеленски пред средбата со Трамп: Многу работи можат да се решат пред Нова година, одлуката зависи од партнерите

Макфакс

28/12/2025

16:00

306

Големина на фонт

а а а

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека Киев прави сè за да ја заврши војната со Русија, но дека на крајот одлуката за мир ќе зависи од неговите партнери.


„Ова се едни од најактивните дипломатски денови во годината и многу работи можат да се решат пред Нова година, а ние правиме сè за таа цел, но дали ќе се донесат одлуки зависи од партнерите“, напиша Зеленски на комуникациската платформа Телеграм пред средбата со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида.

Тој додаде дека украинските партнери треба да го зголемат притисокот врз Москва „за Русите да ги почувствуваат последиците од нивната агресија“.

Зеленски, кој доцна синоќа пристигна на Флорида со својата делегација, се среќава со Трамп за да се договори план за завршување на војната во Украина. Тој им се заблагодари на сите што ѝ помагаат на Украина.

Зеленски објави дека за време на средбата во резиденцијата на Трамп во Флорида, планира да разговара за судбината на спорниот регион Донбас во источна Украина, како и за иднината на нуклеарната централа Запорожје.