[ВИДЕО] Го прашале Путин дали постојат вонземјани и дали тукушто тргнале кон Земјата: Дал многу интересен одговор

Точка

25/12/2025

11:05

1.334

Големина на фонт

а а а

На традиционалната годишна телевизиска прес-конференција во Москва, на 19 декември 2025 година, претседателот на Русија, Владимир Путин, се соочил и со необично прашање – дали мистериозниот објект што се приближува кон Земјата би можел да биде поврзан со вонземјани.

За време на прашањата и одговорите, новинарка од Сибир го прашала Путин за интергалактичкиот објект „3I/ATLAS“, сугерирајќи дека би можел да биде вселенски брод или да укажува на вонземска појава. Пред да одговори, Путин се пошегувал дека тоа што ќе го каже мора „да остане строго меѓу нас“, и со насмевка прокоментирал дека тоа е „руско тајно оружје“. Овој коментар предизвикал смеа во публиката.

Меѓутоа, претседателот потоа посериозно објаснил дека не станува збор за вонземски брод, туку за комета што се движи низ нашиот Сончев систем и која, според руските научници, не претставува опасност.

Што е кометата „3I/ATLAS“ и зошто е посебна?

Објектот за кој станува збор, „3I/ATLAS“ (познат и како C/2025 N1 ATLAS), не е обична комета. Тоа е меѓуѕвездена (интерстеларна) комета, што значи дека доаѓа од надвор од Сончевиот систем, од друга ѕвездена средина. Во текот на 2025 година, астрономите ја следеле додека минувала во близина на нашето Сонце и се приближува кон Земјата, но не се приближила доволно за да претставува каква било опасност за нашата планета.


Претходно, во астрономските набљудувања биле регистрирани само два меѓуѕвездени објекти (тела што доаѓаат надвор од нашиот Сончев систем): „Oumuamua“ во 2017 година и „2I/Borisov“ во 2019 година. Третиот е токму „3I/ATLAS“.

Астрономите истакнуваат дека оваа комета е особено интересна поради своето потекло и состав, бидејќи може да понуди уникатни увиди во материјалот што се формирал околу други ѕвезди. Набљудувањата со телескопи како „Хабл“ покажуваат дека нејзиното јадро веројатно е помало од неколку километри, а гасот и прашината што ја окружуваат им помагаат на научниците да го проучуваат составот на меѓуѕвездените тела.


Што значи одговорот на Путин?

Одговорот на Путин можеби беше повеќе духовит обид да ја опушти атмосферата на конференцијата, но тој и јасно го потврдил ставот дека не постои официјална информација за вонземјани на тој објект и дека станува збор за комета која научно се набљудува.