Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, им рекол на децата дека нема да дозволи „лош Дедо Мраз“ да се инфилтрира во САД, додека учествувал во долгогодишната божиќна традиција.
Седејќи покрај божиќната елка во својата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида, претседателот и првата дама одговарале на телефонските повици на деца кои се јавувале преку Северноамериканската команда за воздушно-космичка одбрана (NORAD), која секоја Бадникова вечер ја следи маршрутата на Дедо Мраз низ целиот свет.
На прашањето на две деца од Оклахома, на возраст од четири и десет години, зошто се следи Дедо Мраз, Трамп одговорил: „Сакаме да се увериме дека не се инфилтрирал, дека во нашата земја не влегува лош Дедо Мраз“.
Додека Трамп и неговата сопруга примиле околу десетина повици, претседателот повеќепати ја фалел состојбата во земјата, истакнувајќи дека е „во одлична форма“ и дека „бројките се одлични“.
На осумгодишно девојче од Канзас, кое рекло дека не сака јаглен како подарок, Трамп ѝ кажал: „Мислиш чист, убав јаглен. Морав да го кажам тоа, извини“.
Потоа додал: „Јагленот е чист и убав. Те молам запомни го тоа, по секоја цена. Но ти сепак не сакаш чист, убав јаглен, нели?“
„Не“, одговорило девојчето, додавајќи дека повеќе би сакало да добие Барби кукла, облека и слатки.
Во друг повик, на осумгодишно дете од Северна Каролина кое прашало дали Дедо Мраз би се налутил ако никој не му остави колачиња, Трамп рекол дека не мисли дека би се налутил, но дека би бил „многу разочаран“.
„Знаете, Дедо Мраз е малку … херувимски граден. Знаете ли што значи тоа? Малку покрупен“, се пошегувал претседателот.
„Мислам дека Дедо Мраз би сакал малку колачиња“.
Претседателот делувал расположено, велејќи дека би можел да одговара на повици „цел ден“, но брзо додал дека веројатно мора да се врати на „други работи“, вклучувајќи ги Украина, Русија и Кина.

Во еден момент, додека првата дама зборувала на телефон, Трамп забележал колку малку внимание му обрнува, велејќи: „Таа може целосно да се фокусира, без да ме слуша“.
Разговарајќи со петгодишно момче од Пенсилванија, Трамп рекол дека ја сака таа сојузна држава и додал дека републиканците таму оствариле „убедлива победа“ на последните избори.
По завршувањето на разговорите, Трамп на социјалната мрежа „Truth Social“ напиша: „Среќен Божиќ на сите, вклучувајќи го и радикалниот левичарски џган кој прави сè за да ја уништи нашата земја“.








