Алжир ја прогласи француската колонизација за злосторство, бара извинување и репарации

Макфакс

24/12/2025

19:39

252

Големина на фонт

а а а

Алжирскиот парламент едногласно усвои закон со кој француската колонизација на земјата се прогласува за злосторство, барајќи од Франција официјално извинување и репарации. Одлуката е донесена во услови на дипломатска криза меѓу двете земји и има силен политички и симболичен карактер.

Во законот се наведува дека Франција сноси правна одговорност за своето колонијално минато во Алжир и за трагедиите што ги предизвикала, вклучително и нуклеарни тестови, вонсудски убиства, физичко и психолошко мачење и систематско ограбување на ресурсите.

Претседателот на парламентот, Ибрахим Бугали, изјави дека гласањето испраќа јасна порака дека алжирската национална меморија не може да биде избришана или предмет на преговори.

Француската колонијална власт во Алжир траела од 1830 до 1962 година и кулминирала со војната за независност од 1954 до 1962 година. Според алжирските податоци, во војната загинале 1,5 милиони луѓе, додека француски историчари проценуваат околу 500.000 жртви, од кои 400.000 Алжирци.

Францускиот претседател Емануел Макрон претходно ја нарече колонизацијата „злосторство против човештвото“, но без официјално извинување. Француското Министерство за надворешни работи одби да го коментира гласањето, наведувајќи дека станува збор за внатрешна политичка расправа во Алжир.

Историчарот Хосни Китоуни оцени дека законот нема меѓународен правен ефект и не е обврзувачки за Франција, но дека неговото политичко и симболично значење е големо.