Како што се приближува празничната прослава, се насочуваме кон мрсна храна и слатки, но важно е да внимаваме и на имунитетот додека уживаме во новогодишното расположение.
Ништо не може да гарантира дека 100% ќе избегнете вирус, но дури иако се разболите, со правилна исхрана сигурно ќе закрепнете побрзо. Обично се препорачуваат многу течности, овошје и зеленчук, а вистински класик е бабината пилешка супа, но постојат бројни други рецепти за домашни чорби кои го зајакнуваат имунитетот.
Доколку се придржувате до Божиќниот пост, ќе ви се допадне овој едноставен рецепт што го пронајдовме на „Healthline“.
Оваа веганска чорба е исклучително богата, а нејзините клучни состојки се печурки, спанаќ, црн кромид и бел грав, што ја прави многу богата со влакна, кои можат да помогнат во зајакнувањето на имунолошкиот систем.
Спанаќот содржи и многу цинк и железо, минерали кои се клучни во борбата против инфекции, а во оваа чорба ќе најдете уште многу корисни хранливи материи.
Имајте предвид дека е исклучително богата со натриум, околу 1.607 mg по порција, а за да ја намалите таа количина користете зеленчуков бујон со помалку натриум и обидете се да користите што е можно помалку сол.

600 – 800 г печурки (во оригиналниот рецепт се користат шитаке печурки, но користете го она што ви е достапно)
2 главици виолетов кромид
1,5 лажици доматно пире
1,5 лажички исушена мајчина душица
1,5 лажички ким
1,5 лажички мелен коријандер
1,8 л зеленчуков бујон
270 г јачмен
360 г спанаќ
150 г бел грав
малку маслиново масло
сол и бибер

Добро измијте ги и исечкајте ги печурките, па исчистете и исечкајте го кромидот.
Загрејте малку маслиново масло во тенџере, па на него запржете ги кромидот и печурките околу 10 минути.
Додајте доматно пире, мајчина душица, ким, мелен коријандер, сол и бибер, добро промешајте и оставете да се крчка една минута.
Додајте ги јачменот и гравот, па налејте го зеленчуковиот бујон и почекајте да зоврие. Потоа намалете на средна температура и варете околу 30 минути, односно додека јачменот и гравот да омекнат.
Додајте ситно исечкан спанаќ и варете уште две минути.
Зачинете со сол и бибер, добро промешајте и послужете ја чорбата топла.