Францускиот претседател Емануел Макрон денес изјави дека Франција ги осудува визните ограничувања наметнати од САД врз Тиери Бретон и уште четири европски личности.
„Овие мерки претставуваат заплашување и принуда против европскиот дигитален суверенитет“, рече Макрон во објава на социјалната мрежа Икс.
Како што изјави, дигиталните регулативи на Европската Унија се усвоени преку демократски и суверен процес од страна на Европскиот парламент и Советот.
„Тие се применуваат во Европа за да се гарантира фер конкуренција меѓу платформите, без таргетирање на која било трета земја, и да се спроведат онлајн правилата што веќе важат офлајн“, рече францускиот претседател.
Според него, правилата што важат за дигиталниот простор на Европската Унија не се наменети да се утврдуваат надвор од Европа.
„Заедно со Европската комисија и нашите европски партнери, ќе продолжиме да го браниме нашиот дигитален суверенитет и регулаторна автономија“, заклучи Макрон.
Претходно, Стејт департментот соопшти дека САД одлучиле да им одбијат визи на пет лица, вклучувајќи го и поранешниот комесар на Европската Унија, поради, како што рекоа, обиди да се принудат американските платформи на социјалните медиуми да ги ограничат ставовите на кои се спротивставуваат.
Американскиот државен секретар Марко Рубио во соопштението изјави дека, „радикалните активисти и вооружените невладини организации ги унапредија мерките за цензура на странските земји, насочени кон американските говорници и американските компании“.
Меѓу луѓето на кои им беа одбиени визи е и поранешниот комесар на Европската комисија задолжен за дигитални прашања, Тјери Бретон.







