Вработените во Народниот правобранител алармираат: Се наоѓаме во безизлезна состојба

Макфакс

24/12/2025

15:56

152

Големина на фонт

а а а

Вработените во Народниот правобранител и двајцата преостанати заменици на народниот правобранител велат дека се наоѓаат во безизлезна состојба и дека од јули Собранието не е во состојба да избере нов омбдусман.

„Ние, вработените во Народниот правобранител и двајцата преостанати заменици на народниот правобранител, со овој допис и дописот кој ви го доставуваме во прилог, сакаме да ве информираме за безизлезната состојба во која се наоѓа централната институција која треба да биде посветена на заштита на човековите слободи и права, а воедно и механизам за надзор и следење на законитото работење на институциите од јавниот сектор, локалната самоуправа и јавните претпријатија, надлежности кои ни се дадени со Уставот на Република Северна Македонија и Законот за народниот правобранител. За состојбата во која сме доведени, сметаме дека најповикано е Собранието на Република Северна Македонија, кое од 12.07.2025 година не е во состојба да избере нов народен правобранител, иако од наша страна повеќепати е алармирано за состојбата во која се наоѓаме“, се наведува во соопштението.

Во него се додва дека последно вакво известување до Собранието е доставено на 11.12.2025 година, но до денешен ден (23.12.2025 год.) не се известени, дури ни со негативен одговор, а исто така, се наведува во соопштението, не е доставена ниту покана за присуство на некој од преостанатите заменици на годишното обраќање на Претседателката на Република Северна Македонија.

„Со овој допис сакаме да ја запознаеме целата македонска и поширока јавност од дипломатските претставништва во државата и странските мисии за состојбата во која се наоѓаат вработените во Народниот правобранител, кои во моментов не можат да остварат многу од своите права од работен однос, а од јануари 2026-та година, веројатно нема да земаат ни личен доход, со што ќе престане да се уплаќаат редовните уплати за социјално и здравствено, но и за пензиско осигурување. Поради ова се запрашуваме, дали државата има потреба од ваква институција или не“, се наведува во соопштението.