[ФОТО/ВИДЕО] „Сè уште сме тука“: По две години страдање христијаните во Газа повторно ги украсуваат црквите за Божиќ

Точка

22/12/2025

16:37

327

Големина на фонт

а а а

Највисокиот католички клерик во Светата земја ги повикал Палестинците не само да преживеат, туку и да ги обноват своите животи во Газа, додека ја предводел божиќната миса во неделата во црквата „Свето семејство“, која била цел на смртоносен израелски удар за време на војната.

Кардиналот Пјербатиста Пицабала, латинскиот ерусалимски патријарх, ја посетил црквата „Свето семејство“ во градот Газа по четврти пат од почетокот на израелската агресија врз Газа, а прв пат по нападот врз парохијата во јули, што предизвикал смрт случаи и уништување.

„Нашата ситуација е многу несигурна, како и на многумина други низ Газа. Мислиме дека светските сили ќе одлучат за нашата иднина, но во реалноста, ние сме тие кои ќе одлучат како да обновиме сè. Ве охрабрувам, не губете надеж. Сега влегуваме во нова фаза, не само што мора да преживееме, туку и да го обновиме животот“, им рекол Пицабала на верниците за време на проповедта, пренесе „CNN“.


Тој додал дека новата фаза го бара „духот на Божиќ, духот на светлината, нежноста и растот“. „Сега изгледа невозможно, но по две години ужасна војна, ние сè уште сме тука“, нагласил тој.

Посетата на Пицабала доаѓа во време кога предизвиците за преживување на Палестинците во Газа продолжуваат, повеќе од два месеци по прекинот на огнот меѓу Израел и Хамас, постигнат со посредство на САД.


Ограничувањата за хуманитарна помош, несигурноста на храната, израелскиот оган и поплавите дополнително ја влошуваат ситуацијата во енклавата. Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 401 лице е убиено од 11 октомври, додека вкупно 70.925 Палестинци се убиени, а 171.185 се ранети од почетокот на конфликтот на 7 октомври 2023 година.

Црковните ѕвона одекнувале над градот Газа додека бебето Марио било крстено во знак на „нов живот“ и „нова надеж“. Црквата била украсена со црвени и златни топки, зелени венци и панделки, додека во аголот стоела голема елка.


Единаесетгодишниот Џорџ Бисан изјавил за „CNN“ дека сè уште е во шок од нападот врз црквата во јули. „Кога ја бомбардираа црквата, многумина беа повредени и починаа. Мојата желба за новата година е да си заминам оттука, да се сретнам со моето семејство во странство и да живеам во мир. Сакаме да живееме“, рекол тој.

За членовите на христијанската заедница, посетите на верските водачи во Газа се извор на поддршка и утеха за Палестинците кои живеат под опсада и во крвопролевање.


„Посетите се сметаат за облик на поддршка и истрајност за членовите на заедницата. Народот од Газа го сака животот и тежнее кон мир“, изјавил Рамез Ал-Сури, кој бил раселен во градот Газа.

Ал-Сури ги загубил трите свои деца, Сухаил (14), Џули (12) и Маџд (11), во израелски напад врз грчката православна црква „Свети Порфириј“, една од најстарите цркви во светот, во октомври 2023 година. Нападот, според извештаите, бил насочен кон Хамас, а животот го загубиле најмалку 17 лица.

„Не остана ниту едно дете. Сите станаа жртви на оваа војна. Со доаѓањето на новата година, се надеваме дека тоа ќе биде година на љубов и мир, во која сите луѓе ќе можат да живеат слободно и со надеж за подобро утре“, истакнал Ал-Сури.