Во периодот од 8 до 14 декември, во Република Северна Македонија се пријавени 126 случаи на грип и заболувања слични на грип, што претставува зголемување од 31,3% во споредба со претходната недела, покажуваат најновите податоци од здравствените власти.
Најмногу заболени се регистрирани во Тетово (30 случаи) и Куманово (20), а веднаш потоа следи Македонски Брод (18). Во Скопје се пријавени 15 случаи. Иако по број на пријави не е прв, Македонски Брод има највисока инциденца – 178,0 заболени на 100.000 жители.
Според старосната распределба, најзасегната е групата 15–64 години со 97 случаи. Кај лицата над 65 години регистрирани се 16 случаи, додека кај децата бројките се пониски: 7 случаи кај групата 5–14 години и 6 случаи кај 0–4 години.
Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) биле тестирани 24 материјали, при што се детектирани 4 позитивни случаи на грип: три Influenza A(H3) и еден Influenza A(H1)pdm09. Дополнително, регистриран е и еден случај на RSV тип B, додека SARS-CoV-2 не е детектиран.

Кумулативно, од почетокот на сезоната 2025/2026, регистрирани се 998 случаи на грип/заболувања слични на грип, што е зголемување од 51,2% во однос на истиот период минатата сезона.
Најголем број пријави има во Гостивар (244) и Куманово (241), а Македонски Брод повторно се издвојува со највисока инциденца – 583,5 на 100.000 жители.
Вакцинацијата против грип останува најсигурна заштита, посочуваат здравствените власти. За сезоната 2025/2026 обезбедени се 80.000 бесплатни четиривалентни вакцини за ризичните групи:
лица над 65 години,
деца од 6 до 59 месеци,
лица со хронични болести,
бремени жени,
здравствени работници.
Според досегашните податоци, вакцинирани се 78.730 лица (со бесплатни или комерцијални вакцини).
Епидемиолошкиот надзор покажува дека грипот сè уште има спорадична активност низ земјата, а процентот на позитивност е под 10%, што укажува дека сезоната не е во полн интензитет. Сепак, бројот на пријавени случаи постојано расте, па се апелира на зголемено внимание, особено кај ризичните групи.
Министерството за здравство и ИЈЗ препорачуваат:
често миење раце,
избегнување големи гужви,
топло облекување, доволен одмор и внес на течности/витамини,
доколку се разболите: останете дома, избегнувајте блиски контакти, покривајте нос и уста при кашлање/кивање и користете заштитна маска при контакт со блиски.










