Љубов посилна од Холивуд, крај пострашен од филм: Поради една жена Роб Рајнер го сменил крајот на култниот филм – неговата љубов заврши со трагедија

Точка

19/12/2025

13:46

321

Големина на фонт

а а а

Нивниот однос не бил само брак, бил инспирација, прибежиште и доказ дека реалниот живот понекогаш може да има поубав заплет од филмско сценарио.

Веста дека Роб Рајнер и неговата сопруга Мишел Сингер Рајнер беа пронајдени мртви во својот дом во Лос Анџелес на 14 декември го потресе светот на филмот и публиката ширум планетата.


Заминувањето на легендарниот режисер на 78-годишна возраст и неговата сопруга на 68-годишна возраст остави зад себе тишина, но и приказна за љубовта која траела повеќе од три децении и засекогаш обележа една од најголемите романтични комедии на сите времиња.

Нивниот однос не бил само брак, бил инспирација и доказ дека работите понекогаш во животот може да имаат поубав заплет од филмско сценарио.

Кога приватниот живот го диктира крајот на филмот

Во 1989 година додека настанувал филмот „Кога Хари ја сретна Сали“, Роб Рајнер се наоѓал во емотивна пустош. Зад себе имал 10-годишен брак со актерката Пени Маршал, а потоа уште една деценија самотија во текот на која, како што сам признал, целосно ја изгубил верата во трајната љубов.

Токму поради таа внатрешна состојба, првобитната верзија на сценариото не предвидувала среќен крај. Хари и Сали, без оглед на блискоста требало да се разделат и секој да тргне по својот пат.

„После 10 години брак и 10 години самотија, не можев да замислам дека некогаш животот би го делел со друг“, зборувал Рајнер подоцна, па додал: „Затоа идејата за среќен крај тогаш не ми делуваше реално“.


Средба која сменила сѐ

А, потоа, речиси како и во филмот којшто го создал, се појавил некој и му сменил сѐ. Во текот на снимањето ја запознал Мишел Сигнер, фотографка чија енергија, топлина и присутност во неговиот живот му ја разбудиле надежта која ја сметал за изгубена.

Новата љубов му ја вратила верата во емоциите, блискоста и заедништвото и тогаш донел одлука која ќе влезе во филмската историја. Крајот на филмот бил сменет.

„Запознав жена која ќе стане моја сопруга и сфатив дека среќните краеви сепак постојат“, признал Рајнер. „Затоа Хари и Сали останаа заедно“.

Тој оптимистичен крај денес е незамислив во било која друга верзија, а филмот благодарение на него станал безвременски класик.

Брак којшто траел 35 години

Роб и Мишел се венчале истата година кога филмот бил премиерно прикажан. Нивниот брак траел 35 години, а заедно добиле три деца, синовите Џејк и Ник и ќерката Роми. Рајнер исто така ја посвоил Трејси, ќерката од претходниот брак со Пени Маршал.

Семејството Рајнер важело за едно од постабилните и поскладни во Холивуд. Роб често говорел дека Мишел му помогнала да ја најде рамнотежата, зрелоста и смислата надвор од филмскиот свет.


Заедно во животот и борбата за другите

Нивното партнерство не завршувало зад вратата на домот. Тие заедно се посветиле на хуманитарната работа, ја основале фондацијата „I Am Your Child“, посветена на раниот развој на децата, како и „Reiner Foundation“ низ која се залагале за правата на семејствата и децата.

Биле и гласни заговорници за човековите и LGBTQ+ правата, спојувајќи ги личните вредности со јавното делување.

Мишел соработувала со Роб и професионално, како продуцентка на повеќе негови проекти, вклучувајќи ја и неговата последна работа „Spinal Tap II: End Continues“.

Љубов посилна од филм

Нивната приказна денес останува како потсетник дека зад големите уметнички дела често се кријат интимните борби, сломови, но и љубов која сето тоа го поправа.

Роб и Мишел Рајнер заминаа заедно, баш онака како што живееле: поврзани, потпрени еден на друг и засекогаш впишани во историјата на филмот и емоциите кои ги оставија зад себе.