Оваа година, сексуалните работници здружени во СТАР-Првиот колектив на сексуални работници на Балканот спроведуваат симболична онлајн кампања по повод одбележувањето на 17-ти декември – Меѓународниот ден за стоп на насилството врз сексуалните работници.
„Овогодинешната онлајн кампања ‘Под црвениот чадор се бориме за еднаквост, достоинство и заштита’ ја посветуваме на симболот што веќе 18 години нè обединува и заштитува – црвениот чадор. Преку него ја раскажуваме нашата приказна, го покажуваме нашето присуство и ја истакнуваме нашата борба за почитување на основните човекови права.
Во фокусот на кампањата е моќно видео во кое три сексуални работнички ги споделуваат своите лични приказни, за стравовите што ги носат, за насилството со кое се соочуваат, и за потребите што ги имаат“, велат од Здружението.
„Сексуалните работници, особено жените и трансродовите лица, се мета на различни форми на родово базирано насилство во јавен, приватен простор и/или онлајн. Насилството врз нас е често неказнето, невидливо и институционално игнорирано. Присутно е од страна на клиенти, партнери, полицијата, па дури и во здравствените и социјалните служби“, се додава во соопштението.







