Српски камионџија бил во Делта секторот на притворскиот центар на Трамп - Исповед како од филм: Добил затворска облека, му ставиле алка на нозете, а на крајот од свештеникот добил пица

Точка

16/12/2025

21:12

659

Големина на фонт

а а а

Кога во текот на тој септемвриски ден, под жешкото тексашко сонце, Милан ја товарел стоката во камион и тргнал од брегот на Мексиканскиот залив кон внатрешноста на САД, не можел ниту да претпостави дека неговиот пат ќе заврши пред време и тоа во центарот за притвор на Службата за имиграција и царина (ICE).

Овој возач на камиони по потекло од Србија, станал еден од низа луѓе кои „ICE“ ги приведе во рамки на примената на ригорозната антиимиграциска политика на администрацијата на Доналд Трамп. Во притвор поминал околу шест недели, а бил ослободен со кауција и обврска да носи алка на нога, а за Би-би-си на српски јазик рекол дека добил дозвола повторно да работи и дека следното рочиште му е закажано за март 2027 година.

Тој истакнал дека во САД влегол легално со виза пред три години, а во 2023 година побарал азил и дека чека на разрешување на тоа барање.

„Сега сум смирен. Кога ќе те приведат, најлошо е што не знаеш што се случува, каде те водат колку ќе бидеш затворен, дали ќе те испратат дома“, изјавил Милан за Би-би-си на српски јазик додека чекал товарење стока во Филаделфија, град во сојузната држава Пенсилванија.

Повеќе од 65.000 луѓе се наоѓаат во центрите за притвор на „ICE“, според податоците на „TRAC“, истражувачкиот центар на универзитетот Сиркјуз од средина на ноември.

Би-би-си се обрати до „ICE“ службите и американското Министерство за национална безбедност барајќи точен број на податоци за бројот на притворени и нивните државјанства.

Според американските прописи, „ICE“ имала законска основа да ги притвора лицата кои не се државјани и кои се во процес на азил, што е чест случај во последните месеци откако администрацијата ја заостри миграциската политика, изјавил Мирољуб Ѓукиќ, адвокат за имиграција од Чикаго, за Би-би-си на српски јазик.


„Тие имаа законско право да го притворат, бидејќи постои разлика помеѓу законско присуство и законски статус.

„Тој нема законски статус бидејќи неговото барање за азил сè уште не е решено, но има законско присуство и врз основа на тоа има работна дозвола“, рекол адвокатот.

Ниту една претходна претседателска администрација не го применувала законот толку ригорозно, додал тој.

„Ги разделуваат мажите на едната, жените на другата страна“

Патролните пунктови на граничната полиција не се ретка појава во државите на југот од САД, а до моментот на притворање Милан без тешкотии поминувал низ нив.

Но тој кобен ден, ги видел значите покрај патот „I-69“. „Разговарав на телефон со моите колеги, видов долга редица, се движи бавно и видов дека нешто не е во ред тука бидејќи обично оди многу побрзо“, рекол Милан. Дотогаш му дозволувале да помине откако ќе им кажел дека не е државјанин, но дека има важечка работна дозвола.

„Овој пат на полицаецот му се смени изразот на лицето кога му кажав за моите документи и статус и само ме испрати да го паркирам камионот од страна“, објаснил Србинот.


Во тие моменти сè уште бил оптимистичен, бидејќи верувал дека ќе го пуштат по проверката. Но надежта почнала да бледнее кога го вовеле во просторијата каде најпрво оставил отпечатоци од прсти, а потоа забележал десетици луѓе како чекаат.

„Видов жена со две ќерки, нив ги оставија во автомобилот, мајката ја приведоа. Бараше само да се поздрави со ќерките, полицајците ги внесоа внатре, сите плачеа. Забележав и брачен пар со седум или осумгодишна ќерка. Ги разделија, мажот во една просторија, жената и детето во друга“, раскажал Милан.

Пред да му го одземат телефонот, успеал да му се јави на сопственикот на компанијата од Чикаго за која работи, му објаснил што се случило и побарал да ангажира адвокат.

„Спиеле како сардини“

Неколку часа откако бил приведен, Милан со уште 11 лица со комбе бил префрлен во објект на граничната полиција во градот Мекален на југоистокот од Тексас.

Полицајците не им кажале каде ќе ги однесат, но истакнал дека го препознал патот по кој многу пати поминувал со неговиот камион.

„Тоа беше објект со четири соби 10 со 10 метри, преполни беа со по 50 лица во секоја. Нема прозорци, некаква вентилација на плафонот, а во средина чувар кој ги надгледува сите четири соби“, опишал Милан со мешавина од бес и неверување во гласот.

Откако започна построгата примена на антиимиграциската политика во САД, Министерството за внатрешна безбедност (DHS) се најде на мета на критики поради лошите хигиенски и здравствени услови во притворските центри.

Би-би-си на српски јазик ѝ пишал на „ICE“ службата и на Граничната полиција, но до моментот на објавата на текстот не доби одговори какви с хигиенските стандарди во нивните објекти.


„Имавме само два тоалети и еден мијалник во соба, но спиевме на подлоги, како сардини. Нѝ даваа три оброци дневно – сендвич, јаболка и кекс или чипс. Никој ништо не ти кажува, не изнесуваа надвор еднаш дневно, да ја исчистат собата“, се присетил Милан.

По два дена поминати во Мекален, со уште неколку притвореници Милан бил префрлен 82 километри источно, во објектот на „ICE“ во Порт Изабела на самиот брег на Мексиканскиот залив. Тоа го дознал дури кога пристигнал таму.

Униформи, таблети и баркодови

„ICE“ службата има најмалку 11 центри во Тексас каде што ги притвора луѓето за кои тврди дека немаат регуларен статус во Соединетите Американски Држави, според податоците од веб-страницата на „DHS.“

„ICE“ е одговорен за управување со овие центри, но често склучува договори со приватни компании кои ја преземаат оваа задача.

„Не изгледаше како класичен затвор, повеќе изгледаше како касарна – четири големи соби, во средината соба за надзор со камери и чувар. Имаше 75 луѓе во собата, кревети на кат, имаше тоалет и туш, и таму се јадеше“, рекол Милан.

Со насмевка се присетил како, исто како во американските филмови, му дале затворска гардероба.

„Зедоа сè од мене, ми дадоа три маички, три пара гаќи, две блузи и две пара панталони во сина боја“, опишал тој.

Затворското мени го опишал како незачинето и безвкусно, со „лажни“ – вегетаријански – хамбургери, „помфрит стар седум дена“ и кесички кечап и сенф.

Технолошкиот напредок, сепак, не ги заобиколил затворите, па добиле нараквици и картички со бар-кодови, кои чуварите ги читале кога делеле храна и ги броеле присутните.


Хигиенските услови, сепак, не напредуваат толку брзо како технологијата.

„Имавме четири тушеви и мијалници во собата, како и пет поголеми тоалетни школки. Се организиравме, па три тоалетни школки беа за голема, а две за мала нужда“ додал тој.

Повеќето од притворениците во тој објект биле луѓе од Јужна Америка, а имало и луѓе од Судан и Авганистан. Никој од Балканот освен Милано.

„Нè поделија на четири сектори – Алфа, Бета, Чарли и Делта.

„Бев во секторот Делта, главно беа работници и никој од нас не предизвика проблеми“, истакнал тој.

Го поминувале времето играјќи шах, домино и монопол, а повремено им носеле и Сони Плејстејшн конзола.

Ги изнесувале во дворот речиси секој ден, по половина час или 45 минути.

„Имавме таблети и ѕидни телефони за комуникација со надворешниот свет. Преку таблетот можевме да нарачаме грицки, слатки и тестенини во нивната онлајн продавница. И тогаш сфатив дека на овој начин и тие заработуваат пари од нас“, истакнал тој.

Борба за кауција

Многу брзо откако бил приведен, компанијата за која работел Милан му пронашла адвокат и започнала правната битка за негово ослободување.

Тактиката на неговиот адвокат била да побара ослободување со кауција.

„За време на еден од првите разговори, шефот на компанијата ми рече дека ќе има премија ако излезам за две недели“. Така и било.

Тој морал да помине низ две рочишта, бидејќи судијата барал жената што му била гарант да достави дополнителни документи до судот за своите даночни обврски.

„Ми беше тешко кога, по првото рочиште, ме вратија во притворскиот центар и рекоа дека ќе има ново рочиште за две недели – а јас веќе „си ставив глава“ дека излегувам“ признал Милан.

На второто рочиште, судијата се согласил да го ослободи со кауција од 15.000 долари.

Но, бавноста на бирократијата не е карактеристика само на некои земји во Европа, тоа веднаш се покажало со одлуката на судијата.

„Чекавме 24 часа ICE да одобри, па плативме во петок, а потоа чекавме цел викенд да се изврши плаќањето. Во понеделник попладне, добија зелено светло да ме пуштат, но бидејќи беше доцна, ме пуштија следниот ден наутро“, раскажал камионџијата.


Алка на нога, пица и свештеник

По речиси еден месец во притвор, дошло времето Милан да биде ослободен.

Но, тој чин не поминал без филмски детаљ.

„Нѝ ставија аалка на нозе – го прашав чуварот: „Зошто така не пуштате на слобода, па не убивме никого“.

„Одговорот беше дека тоа било според протоколот, за наша безбедност“, рекол тој.

Конечно, како слободен човек, излегол по 45-минутно возење со комби – на автобуска станица во градот Браунсвил, друго место во близина на границата со Мексико.

На станицата не пречекаа волонтери, за да нѝ ги наполнат телефоните и да ни помогнат околу организацијата на летовите. Дури беше и еден свештеник кој нѝ донесе пица“, раскажал Милан.

Чекајќи да го наполни телефонот и да изеде нешто, сретнал еден човек од Нигер, исто така возач на камион кој завршил во притвор.

Тој дошол во САД пред 10 години и побарал азил.

„Заедно отидовме во Далас, а оттаму тој отиде во Северна Каролина, јас отидов во Илиноис.“

За време на притворот, Милан рекол дека најтешко му било „кога размислувал за своето семејство“ во Србија.

„Знам дека им требам, често се слушаме и сега тоа помина и овој момент ми беше доста тежок. А потоа ме пресече друга мисла – не сакам да лежам во затвор без вистинска причина. Па, испратете ме дома…“.

Алка на нога и враќање во камионот

Следното појавување пред судијата на Милан му е закажано за 24 март 2027 година.

По враќањето во Чикаго, тој морал да се јави во локалната канцеларија на „ICE“ службата, каде што му беше поставен наногица (алка за нога-уред за следење) и му било кажано дека повторно може да вози камион, но само во три држави – Илиноис, Индијана и Висконсин.

„Доста луто го прашав службеникот на „ICE“ како можам да работам и да го плаќам станот и да испраќам пари на моето семејство ако ограничуваат каде можам да возам. Дури кога го донесов договорот од компанијата и мотивациското писмо, тие напишаа во моето досие дека можам да возам во сите земји“, рекол Србинот.

„Откако повторно почнав да возам, никој не ме запре, а се надевам дека нема ни да ме запре. Сепак, ништо не може да ме изненади“, заклучил овој камионџија.

*Името на соговорникот било променето на негово барање.