[ВИДЕО] Кумановецот Влад Илиќ избран за најдобар стенд-ап комичар за 2025 година во Велика Британија: „Можеби секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хумор нè бива“

Точка

16/12/2025

19:12

761

Големина на фонт

а а а

Во познатиот клуб „Комеди стор“ (Comedy Store) во Лондон беше избран најдобар стенд-ап комичар за 2025 година, а помеѓу 700 комичари од Велика Британија, наградата ја доби Македонецот Влад Илиќ.

„Многу сум среќен што сите овие години активно занимавање со стенд-ап се крунисани со ваква награда. Таа е признание, но и потврда за влогот, енергијата, но најмногу за хуморот којшто го изведувам, а е особен и веќе препознаен. Она што ме издвојува од другите комичари е баш нашата култура, нашиот менталитет. Имаме некој уникатен начин на изразување… Дали е тоа во фонетиката, во фразите коишто ги користиме секојдневно, што ни овозможува да го погледнеме животот малку по несериозно, малку пообјективно од другите култури. Можеби секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хуморот нѐ бива“, изјави Илиќ веднаш по добивањето на наградата.


По големиот успех што го забележа и „BBC“ пред 3 години, ова признание претставува значајно заокружување на неговата кариера.

Влад ја започна кариерата како актер во Кумановскиот театар, а подоцна, инспириран од настапите на Сашко Коцев, Тони Михајловски и Марјан Ѓорѓиевски, како и од локалните ѕвезди, се насочи кон стенд-ап комедијата. Патот до успехот во Англија и титулата „Најдобар стенд-ап комичар за 2025“ претставувале долга и макотрпна работа, од аматерски настапи до присуство на култни сцени.

„Ништо не е случајно во натпревар од вакви размери. Да, среќата игра мал дел од овој успех, но сега се препознаени сите доцни вечери во кои или настапував или пишував нови шеги, и токму тие се главната причина зошто и како се најдов во финалето“, вели Илиќ, дополнувајќи дека е благодарен за мотивацијата што ја добива од сите страни.


„Ја црпам првенствено од љубовта кон професијата, неисцрпната поддршка на семејството, како и гордоста што ја носам на секој мој настап, претставувајќи ја мојата татковина. Тој пламен ме грее дури и во најстудените денови на овој врнежлив остров“.

Покрај престижната титула, наградата носи и паричен чек од 10.000 фунти, кој кумановецот најави дека ќе го донира за „хуманитарни цели – на братучедите“.

Влад Илиќ веќе 10 години се занимава со стенд-ап, а своите шоуа ги изведува на четири јазици – англиски, македонски, српски и италијански.