АТП воведува нови правила за екстремна топлина, еве кога ќе се прекинуваат натпреварите

Точка

16/12/2025

10:53

273

Големина на фонт

а а а

Асоцијацијата на професионални тенисери (АТП) ќе воведе политика на екстремна топлина од 2026 година по критиките на играчите кои со години се борат со високи температури на поединечни турнири.

Со овој потег АТП се усогласува со женскиот „WTA Tour“ каде веќе долго постои таква политика како и со другите спортови како Формула 1, која има сопствени мерки за заштита на возачите.

Во октомври данскиот тенисер Холгер Руне, ги нарекол температурите над 30 степени Целзиусови и влажноста што надминувала 80% на Мастерсот во Шангај „брутални“.


„Сакате играчот да почине на терен?“, извикал Руне додека играл во тешки услови.

АТП сега реагира велејќи дека „ја засилува заштитата на играчите кои се натпреваруваат во екстремни услови.

Новите правила се засновани на мерење на т.н „Wet Bulb Globe Temperature“ (WBGT) која ги зема предвид температурата на воздухот, влажноста, брзината на ветерот и други фактори за да се процени топлотниот стрес.


Според новите мерки, тенисерот ќе може да побара десетминутна пауза за ладење во натпреварите со три сета, ако „WBGT“ достигне 30,1 степен или повеќе во текот на првите два сета, а натпреварот ќе биде прекинат кога „WBGT“ ќе надмине 32,2 степени.

„Новото правило за топлина нуди структуриран, медицински поддржан пристап за управување со екстремни горештини со цел заштита на играчите“, соопшти АТП. Од асоцијацијата додадоа дека правилото „ќе ги подобри условите и за гледачите, судиите, собирачите на топки и персоналот на турнирите“.


Меѓутоа новите правила не се однесуваат на четирите Гренд слем турнири, кои имаат сопствени политики. Претходно одлуките за временски услови, вклучувајќи ја горештината беа во надлежност на АТП супервизори на местото на настанот во координација со медицински тимови и локални организатори.

Според извештајот на европскиот климатски монитор, планетата е на пат во 2025 година да забележи втора најтопла година откако постојат мерењата.