Првите подводни археолошки истражувања во Преспанското Езеро открија редок органски материјал

Макфакс

15/12/2025

16:38

604

Големина на фонт

а а а

Преспанското Езеро годинава е во фокусот на значаен археолошки настан, откако за првпат во овој регион беа реализирани подводни археолошки истражувања, кои донесоа исклучително вредни откритија за културното наследство на Северна Македонија.

Истражувањата се спроведуваат од НУ Завод и музеј – Битола и Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам „Љубојно“, во рамките на проектот ACT4PRESPA. Целта е идентификација, документација и заштита на археолошките богатства во и околу Преспанското Езеро.

Во првите две фази, стручен тим спроведе рекогносцирање на македонскиот дел од преспанското крајбрежје, од границата со Република Грција до границата со Република Албанија. При тоа беа евидентирани и документирани 11 археолошки локалитети. Како најзначаен се издвојува локалитетот во близина на селото Наколец, каде што започнаа сондажни археолошки истражувања, реализирани во два циклуси.

„Ова е исклучително значаен момент за Преспа. За првпат имаме можност да навлеземе во археологијата на езерото и да откриеме слоеви од минатото кои досега беа целосно непознати“, изјави Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија.

Поради повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, што овозможи детални сондажни истражувања. На локалитетот кај село Наколец е откриен дел заштитен со дрвена палисада, како и голем број движни археолошки предмети. Особено значајно е откривањето на предмети изработени од органски материјали – дрвени алатки, рачки, чешли и конструктивни елементи.

Станува збор за прв и засега единствен пример на зачувани органски материјали од археолошки локалитет во Македонија, датиран од крајот на XIII до крајот на XIV век. Локалитетот кај Наколец претставува и прв познат пример на благороднички имот во македонската археологија од XIV век.

„Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено. Милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород која ги штити објектите од распаѓање, што ни овозможува уникатен увид во минатото“, објаснува Петров.

Првичните анализи укажуваат дека средновековните жители на Преспа претежно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, што е неочекувано со оглед на близината на езерото. Податоците, исто така, сугерираат дека Преспанското Езеро во минатото било значително помало.

„Исклучителните наоди од истражувањата кај село Наколец се од непроценлива важност не само за македонската, туку и за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа и претставуваат значаен потенцијал за развој на културниот туризам во регионот“, изјави д-р Мери Стојанова, координатор на проектот ACT4PRESPA од НУ Завод и музеј – Битола.

Керамичките и металните предмети се депонирани во Завод и музеј – Битола, додека органските материјали се испратени на специјализирани конзерваторски истражувања во Лајбниц-центарот за археологија во Германија. Процесот се очекува да трае најмалку една година, по што предметите ќе бидат презентирани пред јавноста.

Истражувањата се реализираат со активна поддршка од локалната заедница, која во повеќе наврати пријавувала пронајдоци и учествувала во заштитата на локалитетите.

Проектот ACT4PRESPA се спроведува во рамките на програмата на Европската Унија за одржлив развој на регионот на Преспанското Езеро, преку Инструментот за претпристапна помош за рурален развој.