Божиќната мини-серија на Нетфликс „Man vs. Baby“, со Роуан Аткинсон во главната улога, брзо се искачила на самиот врв на листата на најгледани на стриминг платформата.
Иако станува збор за продолжение на серијата „Man vs. Bee“ од 2022 година, новиот наслов предизвика многу посилни реакции од публиката. Додека едните серијата ја опишуваат како забавна и идеална за гледање за време на празниците, други ја сметаат за фрустрирачка и нелогична.
Враќањето на Роуан Аткинсон
Аткинсон во „Man vs. Baby“ повторно го толкува Тревор Бингли, несмасен и помалку несреќен лик кој постојано се наоѓа во низа апсурдни ситуации. По хаотичното искуство со чување на луксузна куќа во серијата „Man vs. Bee“, Тревор се заколнал дека повеќе нема да работи како чувар на туѓ имот. Разведен и финансиски нестабилен, се вработува како домар во мало англиско училиште, надевајќи се на помирен живот и барем скромна стабилност.
Во пресрет на божиќните празници се чини дека конечно му се „насмевнува“ нешто позитивно – планира празниците да ги помине со ќерката Мади и поранешната сопруга Џес.
Меѓутоа плановите се рушат во еден телефонски повик: Мади и Џес заминуваат на Барбадос со нејзиниот нов богат партнер, а Тревор останува сам, без работа и соочен со фактот дека мора да обезбеди 10.000 фунти за школувањето на ќерка му во Париз.
Во ист ден ја губи работата, му се заканува бркање од станот, а единствениот спас доаѓа во вид на понуда која не може да ја одбие – 10.000 фунти за чување на луксузен пентхаус во Лондон за време на Божиќ. Единствениот проблем? Мора да се појави на разговорот за работа истото попладне. Ситуацијата дополнително ескалира кога ќе разбере дека по училишната божиќна претстава, заглавил со бебе кое го толкувало Исус во јасли, бидејќи родителите не се вратиле по него.
Тогаш започнуваат низа ситуации во кои Тревор се обидува истовремено да се грижи за бебето, да стаса на разговорот за работа и да избегне целосен хаос – што очекувано, не оди според планот.
Актерска екипа и креативен тим
Покрај Аткинсон, во серијата се појавуваат низа познати британски актери. Во улога на ќерката на Тревор се појавува Алана Блур, а неговата поранешна сопруга Џес ја толкува Клауди Блејкли. Сузана Филдинг ја толкува Петра, Роберт Батерст го толкува Лионел, Нина Сосања ја толкува Дијана, а во серијата се појавуваат и Ели Вајт, Ангус Имри и Сунетра Саркер.
„Man vs. Baby“ ја потпишуваат Роуан Аткинсон и Вил Дејвис додека режијата повторно ја презел Дејвид Кер. Станува збор за истиот креативен тим кој стои зад серијата „Man vs. Bee“ што јасно се чувствува во тонот, ритамот и видот на хуморот.

Серијата се состои од четири епизоди и замислена е како божиќен специјал, без амбиција да понуди длабока приказна или слоевита карактеризација на ликовите.
Различни реакции од критичарите и публиката
Според „Rotten Tomatoes“, „Man vs. Baby“ има солидни 82% позитивни критики од критичарите, засновани на 11 професионални осврти. Критичарите главно ја истакнуваат изведбата на Аткинсон, препознатливиот хумор и фактот дека серијата знае што точно сака да биде – едноставна празнична забава.
Што велат гледачите?
Дискусиите на Редит дополнително потврдуваат колку се поделени мислењата. Еден дел од публиката отворено признава дека им се допаднала серијата токму затоа што не се обидува да биде ништо повеќе од она што е.
„Лично, мене навистина ми се допадна серијата. Не мора сè да биде совршено уметничко дело. Ова е само едноставна серија со апсурдни моменти и добри шеги. Го сакам Роуан Аткинсон и неговите серии и филмови секогаш ми носат утеха – и така беше и во случај“, напишал еден гледач.

Од друга страна, некои гледачи немаа разбирање за овој вид хумор: „Глупава серија за глупава публика“.
Помеѓу овие две крајности, има голем број коментари кои признаваат дека серијата ги насмеала, но исто така забележуваат сериозни проблеми со приказната.
„Уживав и имаше многу смеа. Мислам дека серијата не се обидуваше да биде подлабока, ова е само лесен хумор. Би сакал серијата да беше подолга и да можевме да видиме како се извлекол од тој хаос, особено затоа што семејството на крајот навистина дојде“, коментирал еден гледач.
Честа забелешка се однесува и на наративната структура: „Уживав, но дејството беше неверојатно збунувачко и неповрзано. Хуморот е добар, но приказната никогаш не беше заокружена. Делуваше недовршено“.








