Порториканската ѕвезда Бед Бани доживеа несреќа за време на концерт одржан во Мексико Сити, но благодарение на публиката, настапот продолжи без прекин.
Додека го пееше својот хит „Efecto“ и се движеше по сцената, 31-годишниот добитник на Греми се лизна и се струполи.
Бед Бани, чие вистинско име е Бенито Антонио Мартинез Окасио, остана на подот неколку моменти, но обожавателите веднаш ја презедоа иницијативата и продолжија да ја пеат песната, одржувајќи ја атмосферата сè додека изведувачот не стана, како што покажуваат бројните видеа направени на концертот. Тој се врати на нозе, го продолжи настапот и ја поздрави публиката.
Незгодата се случи два месеци пред неговиот закажан настап на полувремето на Супербоул на 8 февруари. Бед Бани беше потврден како главен изведувач на полувремето на Супербоул за време на натпреварот помеѓу Далас Каубојс и Грин Беј Пекерс во септември.
Во објавата на Икс, тој се осврна и на одлуката дека за време на светската турнеја „Деби Тирар Мас Фотос“ нема да одржува концерти во САД, наведувајќи дека причината е заострувањето на мерките за имиграција воведени од администрацијата на Доналд Трамп преку Службата за имиграција и царина на САД. Додаде дека ќе одржи само еден концерт во САД.
Неговиот избор за главен изведувач на полувремето од Супербоул предизвика реакции од некои конзервативни коментатори, кои го критикуваа фактот дека тој пее исклучиво на шпански јазик.
Потези кои предизвикаа бес
Иако претходно често настапувал во Америка, Бед Бани од својата тековна светска турнеја „Debí Tirar Más Fotos“ го изостави континенталниот дел на САД. Тој изјави дека турнеја низ 50-те американски држави овојпат е „непотребна“, изразувајќи загриженост поради можни рации на „ICE“ насочени кон неговата публика. Наместо тоа, одржа 31-дневна резиденција во родниот Порторико, каде што му се придружија ѕвезди како Марк Ентони и Леброн Џејмс.
Дополнителен гнев предизвика сни́мка што стана вирална, на која се гледа како Бед Бани седи за време на изведбата на песната „God Bless America“ на натпревар на „New York Yankees“, додека сите околу него стоеле.
Поддршка од Џенифер Лопез
Во среде растечките критики, поддршка му пружи Џенифер Лопез, со која веќе настапи на Супербоул во 2019 година заедно со Шакира. Во емисијата „Today“ изјави дека неговиот настап „ќе ги воодушеви сите“, нарекувајќи го „еден од најдобрите уметници во светот во моментов, веројатно најдобриот“.
Тврдејќи дека не е запознаена со „контроверзиите“ околу неговиот ангажман, додаде дека е „многу возбудена“ за настапот и дека неговата музика „го надминува јазикот“. Сепак, ги отфрли гласините дека би можела да му се придружи на сцената. „Не сум добила никакви покани! Затоа само сакам да ги намалам очекувањата. Но секако, ако би сакал да направам нешто, дефинитивно би го направила“, изјавила Лопез.









