Како добитничката на Нобелова награда за мир избегала од Венецуела во Норвешка?

Точка

12/12/2025

18:55

401

Големина на фонт

а а а

Добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, избегала од Венецуела за време на долга, опасна и целосно темна ноќна пловидба без светла, изјавил Американецот кој тврди дека ја водел операцијата за нејзино спасување.

Мачадо пристигнала во Осло, но не и на доделувањето на Нобеловата награда.

Брајан Стерн, поранешен припадник на американските специјални сили и основач на непрофитна организација за спасување, ја опишал мисијата во интервју за „CBS“, објавено откако венецуелската опозиционерка се појавила во Осло, Норвешка, по церемонијата на доделување на Нобеловата награда за мир.


„Беше опасно. Беше страшно“, рекол Стерн, додавајќи дека темните и немирни води обезбедиле совршено скривалиште.

Тој рекол дека ја сретнал Мачадо на отворено море, откако таа ја напуштила Венецуела, каде што се криела од август 2024 година поради страв од прогон од страна на режимот на Николас Мадуро.

Таа се префрлила на неговиот брод и го започнала патувањето во траење од 13 до 14 часа до непозната локација, од каде што продолжила со авион.


„Морските услови беа идеални за нас, но во никој случај вода на која сакате да бидете … колку се повисоки брановите, толку потешко му е радарот да ве види“, додал Стерн.

Тој раскажал дека патувањето се одвивало во речиси целосна темнина, без месечина и без никакви светла на чамците, додека сите биле целосно натопени во вода и премрзнати.

„Таа беше среќна, возбудена и многу изморена“ рекол Стерн, додавајќи дека околу дваесет луѓе од неговиот тим биле директно вклучени.

Претставникот на Мачадо потврдил дека фондацијата на Стерн „Grey Bull Rescue“ ја спровела операцијата.


Претходните извештаи на „Волстрит Џурнал“ велеа дека Мачадо носела перика и маска кога го напуштила скривалиштето во предградието на Каракас. Стерн не сакал да ги открие деталите за копнениот дел од мисијата поради идната работа на неговата организација во Венецуела.

Тој истакнал дека операцијата била финансирана од „неколку дарежливи донатори“, без учество на американски службеници. Сепак, тој признал дека тие „неформално соработувале“ со американската војска за да избегнат да бидат погодени од воздушни напади.


Мачадо изјавила дека имала поддршка од САД за напуштање на земјата и најавила планови за враќање, но не е познато како или кога.

Стерн додал дека неговата група нема да биде вклучена, бидејќи тие се вклучени само во евакуацијата на луѓето, а не и во нивното враќање.

„Мислам дека не треба да се врати. Но, таа сака. Марија е навистина инспиративна“, рекол тој.