Директорот на Центарот за социјална работа во Охрид, Славчо Ристевски тргна по стапките на претходниот, разрешен директор Игор Еленчевски кој доби и кривична пријава од Министерството за социјална политика, демографија и млади затоа што не постапуваше и сакаше да ги изигра дадените инструкции.
Ристевски како и Еленчевски, и покрај тоа што му било укажано дека Центарот во Охрид не е надлежен и не треба да доставува мислење во судот за старателството во случајот со петгодишното дете, сепак изготвил и доставил мислење . Во ист ден доставил мислење дека малолетното дете треба да се даде на таткото, но и за да се заштити доставил и извештај дека постапува законски заедно со уште четворица членови, со тоа што го известуваа судот дека се ненадлежни за предметот. Ова се сфаќа дека од некоја причина позната за нив, морале да достават извештај, повторно негативен за мајката, иако и самите со известувањето потврдиле дека нивното мислење е ништовно.
Наспроти нив, според информации на А1он, Центарот за социјална работа во Скопје, кој е надлежен да даде мислење до судот за старателството на детето, смета дека тоа треба да остане со неговата мајка.

Центарот во Охрид освен што повторно постапи контра инструкциите од надлежното Министерството, повторно не ја повика мајката и детето на опсервација, пред да се изјаснат за старателството, што беше една од главните забелешки на Врховниот суд и првиот пат кога во извештај поднесен до судот наведуваа само позитивни оценки за капацитетите на таткото, а немаа направено опсервација со мајката.
Министерството за социјална работа, демографија и млади во неколку наврати потенцира дека надлежноста да даде мислење кај кого ќе се додели старателството е кај Центарот за социјална работа во Скопје.
Врховниот суд кога ја укина пресудата од Охрид и Битола која беше исклучиво донесена врз основа на мислењето дадено од Центарот за социјална работа во Охрид и со која старателството му беше доделено на таткото наведе:
„Основани се ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право бидејќи судовите не ја зеле во предвид одредбата од член 265 став 3, од законот за социјална заштита. Имено согласно оваа одредба е предвидено дека за дете чии родители не живеат заедно, а постапкатa за доверување на детето на чување и воспитување кај еден од родителите не е спроведена надлежен е центарот на подрачјето на кое детето се нашло во положба на социјален ризик. Дотолку повеќе што од известувањето од 31. 10.2024 година од Мининстерството се наведува дека ЈУМ ЦСР на Град Скопје е месно надлежен да постапува по предметот за малолетното дете…“

„Овој суд е на мислење дека во услови кога Министерството се произнело по однос на тоа кој центар за социјални работи е месно надлежен да даде мислење за доверување и чување на детето судовите тоа треба да го имаат во предвид, а со оглед дека се работи за надлежен орган кој спроведува контрола и инспекциски надзор над работењето на Центрите на ниво на целата држава.“















