Работата на експертите за отстранување бомби е една од најопасните во светот, но замислете да ја извршувате под вода, во целосен мрак и речиси без заштитна опрема.
Токму тоа е секојдневието на Енди Торбет, шкотски истражувач на пештери и експерт за подводно деминирање, чија работа за многумина е незамислива.
Опуштен пристап кон смртоносната работа
Овој 49-годишник ја започнал својата кариера како експерт за отстранување бомби во војската, а неговиот пристап кон работата бил, најблаго речено, опуштен. Во разговор за YouTube каналот „People are Deep“, Енди открил дека никогаш не носел заштитна облека додека ракувал со експлозив, и покрај огромните ризици.
„Полицијата очекува да се појавиме во големи заштитни одела. Ние се појавуваме во маици со кратки ракави и панталони. Тие велат: ‘Каде ви е заштитната опрема?’ Јас им велам, ако тоа експлодира, и онака нема да преживеете. Можеме барем да бидеме во удобна облека“, објаснил тој.
Разминирање „на слепо“
Својата стручност во отстранувањето бомби Енди подоцна ја споил со искуството во нуркање во пештери. Неговиот тим често работел во целосен мрак, барајќи експлозиви во езера, реки и канализации, потпирајќи се на извонредно стари техники.

„Користевме методи од 1940-тите во 2000-тите — рачно се дупчи мала дупка, се вбризгува презаситена солена вода, се остава солта да се кристализира и да го блокира осигурувачот, а потоа се одвртува. Тоа е сè“, го опишал процесот.
Иако признава дека работата може да биде застрашувачка, Енди тврди дека со добра подготовка всушност е безбедна. „Под вода, под земја, во клаустрофобична пукнатина од карпа, тотален мрак, леденo студена вода, сосема сам — звучи ужасно, но ако испланирате сè што може да тргне наопаку, всушност е многу безбедно.“
Опасност што не дошла од бомба
Изненадувачки, неговиот најблизок судир со смртта не се случил поради неексплодирана бомба, туку кога поради сопствена грешка останал заробен во подводен рудник со минимална залиха кислород.
„Десет минути гас во ситните боци. Искрено помислив: ‘Ова е крај. Кога водата ќе ми влезе во белите дробови, ќе пече како оган.’ Моето сопствено опуштање речиси ме чинеше живот. Никогаш повеќе нема да се повтори“, се присетил тој.
„Паранојата спасува животи“
На прашањето зошто се занимава со толку опасна работа, Енди инсистира дека не е „адреналински зависник“, туку врвен планер.
„Сакам да правам работи што другите не сакаат, затоа што погрешно го сфаќаат ризикот, а јас знам дека можам да ги направам безбедни. Паранојата спасува животи. Планирам за секоја можна работа што може да тргне наопаку. Затоа сè уште дишам. Самозадоволството ќе ве убие побрзо од која било бомба. Мора секој ден да се појавиш подготвен“, истакнал тој.
Живот надвор од светот на експлозивите
Иако денес не отстранува бомби толку често, животот на Енди е далеку од мирен. Тој е познат и како водител на BBC-евите емисии „Coast“ и „The One Show“. Освен тоа, е квалификуван инструктор за планинарење и качување, со искуство на карпи и мраз низ целото Обединето Кралство, Канада и Пакистан.
Неговата страст кон висините го довела до поставување рекорди во падобранство. Во 2016 година, во костум за летање (wingsuit), се тркал со сив сокол, достигнувајќи брзина од скоро 400 км/ч и победувајќи ја птицата. Неговиот највисок скок бил изведен од висина од 8.500 метри над пустината во Аризона.















