Триото Заев, Филипче и Николовски во ек на криза функционирало како врзан систем на крвни садови, креирале коруптивна шема и директно ја загрозиле националната безбедност со игрите со стоковите резерви, со отписот па со купувањето на прескапа пченица, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев, Филипче и Николовски директно ја загрозиле националната безбедност во услови на криза а намалувањето на стоковните резерви претставува директно загрозување на националната безбедност и не смее никој да се дрзне да отпишува 2.000 тони пченица во криза.
Во секој потег на Заев, Филипче и Николовски од нивната шема се отвара сомнеж за сериозни злоупотреби, корупција и огромен профит. Од отписот на жито, прескапата набавка до доделениот грант.
Отпишале 2.000 тони пченица, отвориле 2 тендери за 20.000 тони жито што го платиле 1,3 милиони, по поскапа цена и како гратис услуга Николовски издејствувал 1,4 милиони грант за „Мамас“ на кланот Заеви“.
Николовски во 2022 година, појаснуваат од владејачката партија, направил набавка на 20.000 тони жито, по отписот на кусокот што го потпишале Заев и Филипче но набавките за житото биле поскапи за цели 1,3 милиони евра.
Според ВМРО-ДПМНЕ, 20.000 тони пченица државата ја чинело 532 милиони денари или 8,6 милиони евра, односно еден тон жито бил 26,625 денари, а килограм 26,6 денари.
„Но, пченицата била набавена од Србија, цената на берзата во Нови Сад била 20,5 денари, дополнително трошоци за транспорт од 1,5 до 2 денари по килограм се доаѓа до цена од 22,5 денари, што е за цели 4 денари помалку од оние кои државата ги платила поради Љупчо Николовски, Заев и Филипче, или 1,3 милиони евра повеќе пари биле потрошени на граѓаните.
Николовски да каже зошто државата платила 1,3 милиони евра поскапа сума за житото во стоковите резерви? Кој се ќарил од набавката на жито и колкав процент? Дали грантот за Тргопродукт од 1,4 милиони евра е подарок и контра услуга на Заев“.
ВМРО-ДПМНЕ бара ЈО и ДКСК да отворат постапки и сериозно да го истражат случајот.











