Посебни контејнери, тарифник и термин за собирање на отпадот: Ѓорѓиевски на средба со скопските угостители

Макфакс

03/12/2025

13:35

115

Големина на фонт

а а а

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на социјалните мрежи објави дека остварил средба со скопските угостители на која биле договорени детали за подобрување на нивната работа и, како што вели, на севкупниот урбан амбиент во градот.

„Скопските угостителски објекти ќе имаат посебни контејнери, избран е и посебен советник за угостителите.

Денес, остваривме конструктивна средба со скопските угостители, на која произлегоа важни чекори за подобрување на нивната работа и на севкупниот урбан амбиент во градот.

Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно.

Во таа насока договоривме секој угостителски објект да набави сопствени контејнери и да добие посебен тарифник со прецизни правила за одлагање отпад, како и термин за собирање, кој ќе важи единствено за правните субјекти“.

Ова, како што вели, ќе значи крај на нередот и почеток на поуредено, поодговорно функционирање.

„Како што веќе беше усогласено на претходните средби, за советник задолжен за секојдневна комуникација со угостителите и кабинетот е избран Драган Арсовски, човек со долгогодишно искуство, а избран по предлог на сите фактори во овој сектор.

Тој ќе биде мостот што ќе ја олеснува координацијата, ќе ги решава проблемите на терен и ќе обезбеди континуирано подобрување на условите за работа.

Договоривме и до 15 јануари да се достават елаборатите за користење на урбаната опрема, која досега во изминатите години не се наплаќаше, со што конечно ќе се стави крај на хаосот и ќе се воспостави јасен ред.

Ова се клучни моменти кога сите заедно се ставаме во служба на граѓаните – одговорно, посветено и со јасна цел.

Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но го враќаме и редот.

Нашиот град заслужува да биде полн со енергија, младост и креативност, а тоа е можно само со силна поддршка и вистинско партнерство со угостителскиот сектор.

Благодарен сум за разбирањето и поддршката.

Скопје заслужува да биде град на култура, современ урбан живот, силна економија и заедно ќе стигнеме до таа цел“, соопшти тој.