Андреј Јакимовски го одбележа кам-бекот во македонската репрезентација со брилијантна партија на паркетот во Кале, прикажувајќи квалитети кои и тоа како можат да ја зголема конкурентноста во тимот кој го предводи Марјан Илиевски.
Кошаркарот на Тренто во минатото имаше повеќе проблеми да настапува за репрезентацијата поради престојот во Америка, но сега се става на располагање на националниот тим и по извонредниот настап во претквалификациите за Европско првенество најави дека во иднина со огромно задоволство ќе се приклучува на селекцијата.
– Ова е прв добар чекор за нас во овој циклус. Влеговме како фаворити и го оправдавме тоа. Има уште многу до нашата посакувана цел и форма. Но како што кажав, ова е добар чекор кон тоа. Сме на добар пат и се надевам дека во наредните циклуси ќе бидеме комплетни, сите заедно и нашиот фокус е на Ирска. Мислам дека се работи за посилна селекција од Азербејџан и нашиот фокус е таму, од ден на ден да бидеме подобри.
– Овој период е доста краток, но мора да го искористиме за да се воиграме и запознаеме. Мур е одличен играч, го имаме и Вајли. Наше е да се подобруваме од ден во ден, и да го дадеме нашиот максимум, – изјави Јакимовски.
Андреј беше најдобар поединец во убедливата победа со резултат 87:49 и запиша 25 поени и 11 асистенции зад своето име, но тој смета дека во иднина може да биде уште подобар кога ќе се воигра со соиграчите.
– Имав доста измешани емоции на кам-бекот во репрезентацијата. Сакав и претходно да играм, но поради некои оправдани причини не можев. Среќен сум што сум тука, ќе се јавувам на повикот на селекторот ако сум подготвен и здрав. Задоволен сум и лично како одиграв, иако секогаш може подобро, – заврши Јакимовски.





