На Клиниката за детски болести денеска повторно одекна звук кој секогаш буди најсилни емоции - победничкото ѕвонче. Овојпат, на него заѕвони малиот Медиан, детето што храбро ја изоде својата тешка битка и со насмевка ја прослави победата.
Во објавеното видео на официјалната страница на клиниката се забележува радост, олеснување и неизмерна сила кај сите присутни. Под видеото, корисниците оставаат многубројни коментари полни љубов и поддршка за младиот борец.
„Ваквите деца имаат едно име - херои“, „Многу здравје, многу среќа и безгрижни денови ти посакуваме, срценце. Да си живо и здраво и да им се радуваш на игрите со твоите врсниччиња“, „Бог да те благослови и да те чува во животот“, „Ова треба да биде прва вест на сите ТВ-дневници“, се само дел од коментарите.
Овие зборови, полни со човечност, го доловуваат расположението на јавноста: гордост, восхит и неизмерно олеснување.
Од Клиниката исто така упатија порака: „Победничкото ѕвонче повторно силно звонеше за да слушнат сите дека нашиот јунак Медиан храбро ја помина и ја освои тешката битка. На Медиан му посакуваме многу здравје и среќно и безгрижно детство“.
Лекарите и медицинскиот персонал кои стојат покрај него, ја истакнуваат неговата упорност и позитивен дух. За нив, ваквите моменти се најсилната потврда дека секој труд, секоја неизвесна ноќ и секоја борба - вредат.
Медиан, сега официјално победник, тргнува напред кон ново, весело и безгрижно детство, а а со него чекори и вербата на многу семејства дека чудата навистина постојат.
Автор: Ц.Н.







