САД и Украина за време на разговорите во Женева изработија нов мировен договор од 19 точки, но политички најосетливите прашања им се оставени на претседателите на двете земји да одлучат.
Серхиј Кислица, првиот заменик-министер за надворешни работи на Украина, кој присуствувал на состанокот како дел од украинската делегација, изјави за „Фајненшл тајмс“ дека средбата била „интензивна“, но „продуктивна“, што резултирало со темелно ревидиран нацрт што оставил „позитивен“ впечаток кај двете страни.
Тој наведе дека по деталните разговори во Женева американскиот и украинскиот тим постигнале договор за неколку прашања, но ги „ставиле во загради“ оние најспорните. Тоа ги вклучува територијалните прашања и идниот однос меѓу НАТО, Русија и САД, кои сега им се препуштени на Доналд Трамп и Володимир Зеленски да ги решат.
Кислица потврди дека новиот нацрт има многу малку сличности со претходно протечената верзија што предизвика немир во Киев. „Многу малку работи останаа од изворната верзија“, нагласи тој.
Заменик-министерот додаде дека Американците биле внимателни, подготвени да го чујат ставот на Украина и отворени за предлози. „Речиси сè што предложивме беше прифатено“, забележа тој.
Тој истакна дека му се чини дека американската страна е подготвена да се откаже од предлогот за ограничување на големината на украинските вооружени сили на 600.000 припадници. Напомена дека американските преговарачи внимателно ги сослушале украинските аргументи и се согласиле дека ќе ги земат предвид.
„Се согласија дека бројката за украинската војска од протечената верзија на мировниот план – кој и да ја напишал – повеќе не е на маса“, рече тој. Додаде дека предлогот за општа амнестија за потенцијални воени злосторства е ревидиран за да се земат предвид „жалбите на оние што страдаа во војната“.
Тој го пофали „конструктивното ангажирање“ на американскиот тим, посочувајќи ги американскиот државен секретар Марко Рубио, американскиот секретар за армија Даниел Дрискол и зетот на Трамп, Џаред Кушнер: „Не постоеше момент во кој рекоа: ‘Нема да разговараме за тоа’. Внимателно поминавме низ сите точки“, заклучи тој.











