Министерство за енергетика: Се воведува модерен дигитален надзор за ефикасна и зајакната контрола на концесиите за минерални и енергетски ресурси

Макфакс

24/11/2025

12:24

126

Големина на фонт

а а а

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини соопшти дека воведува современ дигитален систем и специјализиран дрон за надзор и мониторинг на концесиите за минерални суровини, соларна енергија и ветерни инсталации.

Новата технологија, како што појаснуваат, овозможува прецизно следење на експлоатацијата на минералното богатство, како и проверка на точните координати и инфраструктурата на соларните панели и столбовите за мерење на ветерните паркови.

На овој начин, Министерството, додаваат од таму, ја зајакнува транспарентноста и одговорното користење на природните ресурси.

Новиот систем го зајакнува инспекцискиот надзор, им овозможува на инспекторите да вршат увид без секогаш да бидат физички присутни на терен. Дронот обезбедува побрза реакција, пократко време за контрола и непречено следење на активностите на терен, овозможува подетално следење на работата на концесионерите и значително го намалува ризикот од злоупотреби.

„Со воведувањето на дигиталниот систем и дронот, ја унапредуваме и зајакнуваме инспекциската контрола. Создадовме можност за современ и ефикасен надзор, кој овозможува концесиите да се користат одговорно и согласно законот“, истакна министерката Сања Божиновска.

Вработените во Министерството кои ќе управуваат со дронот поминаа специјализирана обука за негово користење и за правилна интерпретација на податоците добиени од далечинското набљудување. Ова обезбедува професионален, прецизен и современ надзор, усогласен со највисоките стандарди.

Користењето на дронови веќе е дел од стандардната практика во развиените земји, особено за мапирање, инспекциски надзор и мониторинг на енергетски и природни ресурси. Со оваа иновација, Министерството ја следи светската пракса и ја унапредува модернизацијата и ефикасноста во управувањето со ресурсите.