Пред нас е уште еден скандал кој покажува дека и после Кочани имаме целосно нефункционален систем, неспособност и потфрлање на институциите, пред се на полицијата на Тошковски обвинија од СДСМ.
„Во локал со дозволен максимум од 200 лица, имало над 700 луѓе или три и пол пати над дозволеното и спротивно на безбедносните протоколи. Опасност која можела да заврши трагично. И полицијата на Тошковски и општината на Јанчев знаеле за настанот кој бил пријавен и не презеле навреме мерки. Дозволиле настанот да започне, да се наполни до опасност, а дури потоа, среде ноќ, во 00:10 часот, да биде прекинат“, велат од СДСМ.
Од опозицијата велат дека наместо да бега, Тошковски треба да одговори на клучните прашања зошто воопшто е дозволено настанот да започне со поголем број на луѓе, зошто МВР дозволило настанот со часови да се одвива со преполн капацитет, па дури по полноќ да го прекине и дали МВР ништо не научи од трагедијата во Кочани?
„Фактите се јасни: настанот бил во преполн објект, ризичен за безбедноста и со часови никој не направил ништо. Тоа е класичен рецепт за нова трагедија. Тоа е рецепт за ново „Кочани“. Бараме итна истрага и на МВР и на општината. Бараме санкции за сите кои дозволиле да се загрозат животите на стотици граѓани: од МВР кои не реагирале па се до организаторите. Тошковски да не бега туку да преземе одговорност“, велат од СДСМ.







