Идејата за град изграден од дрво, кој би бил создаден среде нов природен резерват во Англија, наскоро би можел да стане реалност, пренесоа британските медиуми.
Поддржувачите на овој проект од редовите на меѓупартиската коалиција планираат да изградат „град-шума“ во кој би живееле милион луѓе, а каде што куќите со четири спални соби би чинеле 350.000 фунти, пренесе Гардијан.
Авторот на оваа идеја, инвеститор и поранешен новинар на овој весник, Шив Малик, во последните години пишувал за тоа колку им е потешко на милениумците да го решат станбеното прашање во споредба со претходните генерации.

„Никој претходно не направил нешто слично, а овој начин на градење би бил огромна добивка за природата бидејќи се обидуваме сето тоа да го вклопиме во природната инфраструктура“, рече тој.
Малик е во преговори со Министерството за домување, а кратко по објавувањето на неговиот проект, британската влада објави планови за изградба на мрежа од такви „градови-шуми“.
Лабуристичката влада е обвинета за изградба на станови на штета на природата, додека се обидува да изгради 1,5 милиони домови за да се справи со кризата со домувањето, а во тек е усвојувањето на контроверзни прописи за кои еколошките групи велат дека би претставувале закана за 5.000 природни резервати.

Група од речиси 800 поддржувачи од целиот политички спектар, вклучувајќи ги и Зелените, го поддржуваат проектот на Малик, пренесе „Гардијан“.
„Градот-шума“ би се наоѓал источно од Кембриџ и би го управувала непрофитна организација предводена од локалните власти.
Куќите и становите би биле изградени според еколошки стандарди, користејќи модуларни дрвени елементи, а градот би имал многу простор за пешаци и области каде што децата можат слободно да трчаат.
Okay we’ve announced it. We’re building a city. The first major city in the UK for fifty years. And we want the Labour government to back it. We’ve already got amazing prominent supporters. But we need everyone to sign the pledge first to prove real demand. Sign it and read more… pic.twitter.com/TyHT2oV9Ll
— Shiv Malik (@shivmalik) October 23, 2025
Планот е да се воведе трамвајски сообраќај низ населбата за луѓето да не зависат од автомобили, а истовремено градската област би вклучувала 12.000 хектари новозасадена шума што би се вклопила во постојните шумски предели.
Како што заклучи Малик, новиот град би бил изграден претежно на индустриско-земјоделско земјиште кое често е неплодно поради употребата на пестициди, така што на овие подрачја би можеле да се создадат многу потребните домови, како и живеалишта за дивиот свет, што би им овозможило на луѓето да живеат поблиску до природата.















