Обилните снежни вренежи предизвикаа проблеми во регионот, а снег падна во Босна и Херцеговина и Хрватска, каде што дојде до застои во сообраќајот.
Како што пренесе Еуроњуз БиХ, во Сараево снегот утрово предизвикал тешкотии во движењето на возилата, застои и зголемен ризик од сообраќајни незгоди, соопштија од зимската служба на КЈКП „РАД“. На терен биле ангажирани 36 возила и 90 работници. Во општина Нови Град, тротоарите и локалните улици се чистеле рачно. Од „РАД“ посочија дека неозначените прекопи и препреки на патиштата го отежнуваат чистењето и предизвикуваат дефекти на возилата.
Федералниот хидрометеоролошки завод прогнозира облачно време со снег и дожд во поголемиот дел од Босна, а дожд во Херцеговина. Температурите се движат од –2 до +4 степени, а на југ до 12 степени. Метеоролозите предупредуваат дека врнежите ќе продолжат и наредните денови, со повремени разведрувања и нови циклони. Граѓаните се повикуваат на претпазливост додека патиштата се расчистуваат.
Во Бања Лука, зимските служби исто така се на терен и делуваат според приоритетите. Механизацијата е ангажирана главно во повисоките делови на градот. За денеска е најавено студено време со снег и зголемување на снежната покривка – до вечерните часови се очекуваат околу 10 сантиметри снег, а во повисоките предели до 20 сантиметри.
Снег денеска паѓа низ цела Хрватска, а кај Сплит и Клиса сообраќајот е отежнат и повеќе автомобили се заглавени, објави метеоролошкиот сајт Crometeo. Снег паѓа и во Лика, Горски Котар, централна и северозападна Хрватска, Славонија и Далматинска Загора, пренесе „Индекс“.
Хрватскиот автоклуб (HAK) предупреди дека повеќето патишта се влажни или покриени со снег и се лизгави. Државниот хидрометеоролошки завод (DHMZ) соопшти дека најдебела снежна покривка утрово е измерена на Завижан — 32 сантиметри.










