Попов: Владата се залага за држава во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него

Макфакс

22/11/2025

13:42

151

Големина на фонт

а а а

На денешната трибина на тема „Локални и глобални предизвици од младинско значење“, организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ и младината на Меѓународната Демократска Унија, се обрати Сергеј Попов, пратеник и претседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, кој на самиот почеток истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ реализирала голем број од ветените проекти на изборната програма.

„За многу краток период, ВМРО-ДПМНЕ започна да реализира голем дел од своите заложби за младите од изборната програма, конкретни мерки во образованието, вработувањето и младинското учество. За првпат во историјата, нашата младинска организација може гордо да каже дека имаме тројца пратеници кои доаѓаат директно од нашите структури, тоа значи дека гласот на локалните младински совети, на студентските организации и на општинските канцеларии за млади, може директно да стигне до законодавниот дом“, рече Попов.

Попов истакна дел од владините мерки за поддршка на младите и студентите.

„Нашата Влада спроведе конкретни мерки, секој студент запишан на државните или приватните универзитети доби ваучер од 250 евра наменет за набавка на ИТ опрема, реновирањето на студентските домови, исто така ги подобривме можностите за вработување на млади професионалци, вклучително и вработувањето на 600 специјализанти кои го зајакнуваат нашиот здравствен систем, нашата иницијатива „Млад земјоделец“ ги поддржува младите во земјоделството преку доделување на 10.000 евра за секој што ќе започне земјоделски бизнис, промовирајќи го руралниот развој“, рече Попов и додаде:

„Заедно со нашите партнери во Владата, со нашите градоначалници и советници, и со нашите тројца пратеници, ќе се залагаме за Македонија во која секој млад човек ќе чувствува дека политиката работи за него“.