САД ѝ се заканија на Украина со прекин на снабдувањето со оружје и разузнавачката соработка со цел да го принудат Киев да прифати рамка за мировен договор, изјавија за „Ројтерс“ два независни извори запознаени со ситуацијата.
Изворите, кои зборуваа под услов на анонимност, тврдат дека Киев сега е под поголем притисок од Вашингтон отколку во сите претходни мировни преговори и дека САД сакаат Украина да го потпише рамковниот договор до следниот четврток.
„Тие сакаат да ја запрат војната и сакаат Украина да ја плати цената“, рече еден од изворите.
Делегација од високи американски воени претставници вчера се сретна со претседателот Володимир Зеленски во Киев за да разговараат за патот кон мирот.
Американскиот амбасадор во Украина и шефот за односи со јавноста на војската, кои патуваа со делегацијата, го оценија состанокот како успешен, додавајќи дека Вашингтон бара „агресивен временски рок“ за потпишување на документ меѓу САД и Украина.







