„Не дозволувајте да бидете туѓо топовско месо“: Поранешен венецуелски капетан ја повика војската да го уапси Мадуро! Не го признава за претседател ниту за врховен командант

Точка

21/11/2025

17:29

274

Големина на фонт

а а а

Поранешниот капетан на венецуелската армија Висмерк Енрике Мартинес Медина, кој живее во егзил, денеска ги повика припадниците на вооружените сили да ги напуштат касарните и да одбијат да бидат искористени како „топовско месо“. Тој исто така апелираше да го уапсат и предадат претседателот Николас Мадуро, како и други високи функционери.

Медина во видео-порака ги повика активните армиски офицери да ги приведат Мадуро, министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо и министерот за одбрана, генерал Падрино Лопес — за кои, како што наведува, постојат налози за апсење, пренесува „Infobae“.

Тој дополнително ги повика „сите чесни функционери, припадници на армијата и цивили“ веднаш да ги напуштат институциите, порачувајќи им да не се плашат дека ќе бидат прогласени за дезертери.


Според Медина, Мадуро ги украл изборите од 28 јуни и претставува бегалец од правдата, поради што, како што истакнува, тој не е претседател на Венецуела, а уште помалку врховен командант на армијата.

Во видео-пораката, Медина се претстави како венецуелски армиски капетан кој е политички гонет поради неговото спротивставување на „нарко-терористичката диктатура“.


Тој заклучи дека доколку припадниците на армијата ги уапсат и предадат Мадуро, Кабељо и Падрино, би го започнале патот на спасение за Венецуела и би ја довеле државата до вистинска демократија, вредности, принципи и правда.

Медина се наоѓа во егзил во перуанската амбасада во Каракас откако во 2002 година му се спротивставил на тогашниот претседател Уго Чавес.

Перуанското министерство за надворешни работи во април 2003 година му додели азил на Мартинес Медина, како и на уште еден воен функционер.