Ливерпул им се враќа на премиерлигашките обврски и по поразот на дербито со Сити, ќе се обиде да им се врати на победите на дуелот со Нотингем.
„Црвените“ утре се домаќини и големи фаворити против „шумарите“, а менаџерот Арне Слот денеска им открил на новинарите со какви позитивни и негативни вести се соочува по крајот на периодот за настапи на репрезентациите.
– Алисон Бекер тренираше добро последните две недели и ако денеска нема проблем, може да се врати на теренот уште утре. Ако е подготвен, ќе биде стартер.
– Сепак, имаме одредени проблеми по интернационалната пауза, Флоријан Вирц и Конор Бредли нема да можат да настапат поради повреди, двете се мускулни. Не очекувам Конор да се врати наредните три недели, додека таа на Вирц е нешто полесна.
Од претходно ги загубивме Фримпонг и Леони. Тоа значи дека имаме пет природни дефанзивци достапни за седум натпревари во период од 21 ден, а не гледам дека некој ќе се врати пред тоа, – рекол Слот.
Од утре, па заклучно со 13. декември, актуелниот англиски шампион ќе одигра дури седум натпревари, од кои два во Лигата на шампионите.







