[ВИДЕО] Полски медиуми: Нападнат нашиот амбасадор во Русија, објавена снимка од инцидентот

Макфакс

20/11/2025

16:25

313

Големина на фонт

а а а

Полскиот амбасадор во Русија, Кшиштоф Крајевски, бил нападнат во Санкт Петербург од група демонстранти кои протестирале против полската поддршка за Украина, пренесуваат полските медиуми. Инцидентот се случил во неделата, додека дипломатот бил на пат кон Католичката црква „Св. Катарина“ по повод Денот на независноста на Полска.

Според „Газета Виборча“, амбасадорот бил опколен од агресивна група што носела транспаренти со антиполски и антиукраински пораки. Демонстрантите прво го нападнале вербално, а потоа неколкумина се обиделе и физички да го удрат. Интервенцијата на припадниците на полската Државна служба за заштита го спречила нападот.

Полското МНР го потврди инцидентот, нарекувајќи го „најсериозен во долг период“. Варшава, на средбата со рускиот отправник на работи, изразила силно незадоволство, на што руската страна одговорила дека вакви ситуации „не треба да се случуваат“.

Нападот се случил во период на зголемени тензии меѓу Полска и Русија, по саботажата на железничка линија во Полска, за која Варшава ја обвинува Москва. Како одговор, Полска нареди затворање на рускиот конзулат во Гдањск – третиот таков потег по конзулатите во Познањ и Краков – оставајќи го само руското амбасадорство во Варшава активно.

Москва, пак, ги отфрли обвиненијата и ја обвини Полска за „русофобија“, најавувајќи „реципрочни мерки“.