Жорди Алба: Барселона се откажа од мене поради мојот раст

Дерби

20/11/2025

14:05

243

Големина на фонт

а а а

Жорди Алба прерасна во еден од најдобрите леви бекови во светот низ годините, а сега во период кога ги брои последните денови како професионален фудбалер, Шпанецот се навраќа и на моменти од неговите почетоци.

Алба како член на Интер Мајами е дел од МЛС плејофот и планот е да даде се од себе во обид да стигне до финале и нова титула заедно со Меси, Суарез и Бускетс, но после последниот натпревар кој ќе го одиграа оваа сезона, официјално влегува во пензионерските денови.

Искусниот дефанзивец доживеа моменти на голема слава и освои се што може да се освои со Барселона, но во интервјуто за „АС“ се наврати и на своите почетоци, кои не биле воопшто лесни поради неговиот низок раст.

– Точно е дека Барселона се откажа од мене поради мојот раст. Тоа е вистина, не станува збор за приказна и измислена легенда. Сум го кажувал тоа во други интервјуа, но може да видите и видеа од мене колку бев низок.

– Имаше голема разлика меѓу мене и моите врсници, имаше тренери кои веруваа во мене, но и такви кои помалку веруваа. Знаев дека ќе завршам во Корнелја ако си заминам од Барселона, па така и беше. Таму бев една година и не играв, а потоа потпишав за Валенсија, – вели Алба.

Валенсија е клубот кој му даде вистинска шанса на Алба во елитата, па откако фантастично се покажа на „Месталја“, Жорди се врати во Барселона и потоа беше важен дел од првиот тим на каталонскиот великан.