Касемиро беше на излезни врати од Манчестер Јунајтед и се чинеше дека ќе биде продаден во летниот преоден рок, но наместо тоа, големиот работник успеа да се избори за свое место во тимот на Рубен Аморим и сега Португалецот не може да ги замисли своите стартни 11 без искусниот играч за врска.
Ситуацијата драстично се промени откако Касемиро доби повик од Карло Анчелоти во бразилската репрезентација и од тој момент искусниот фудбалер значително го подигна нивото, па во последно време се почесто потсеќа на фудбалерот кој беше гаранција во стартниот тим на Реал Мадрид.
Иако има 33 години, Касемиро игра како препороден од стартот на сезоната, а тоа го забележуваат и колегите од националниот тим, во случајот Бруно Гимараеш, ѕвездата на Њукасл.
Гимараеш играше крај Касемиро на натпреварите против Сенегал и Тунис, а пред враќањето во Англија, дал изјава за влијанието кое го има Касемиро врз неговата кариера.
– Кога ќе се погледне неговото искуство и сите титули кои ги освои, може да се заклучи само едно. Тој е комплетен фудбалер, неговата кариера доволно говори за се.
– Во едно од моите први интервјуа кога добив прв повик за Бразил во 2020-та година, ме прашаа дали црпам инспирација од некого. Уште тогаш открив дека Касемиро е моја инспирација. Тој е идол во Бразил поради сето она што го направи, особено поради игрите во Реал и петте освоени титули во Лигата на шампиони, – потенцира Бруно.






