Швајцарија уште еднаш ја потврди својата доминација во светот на сирењата. Во конкуренција од рекордни 5.244 примероци од целиот свет, титулата најдобро на натпреварот „World Cheese Awards 2025“ ја понесе "Gruyère AOP Vorderfultigen Spezial", зреено 18 месеци. Ова престижно натпреварување се одржа на 13 ноември во швајцарскиот Берн, пренесува „Food & Wine“.
Како се избира светскиот шампион?
Процесот на оценување на илјадници сирења е извонредно строг. „Guild of Fine Food“ од Обединетото Кралство собра 265 експерти – од афинери и професионални дегустатори до трговци и новинари. Работејќи во тимови, "на слепо" ги дегустираа и оценуваа сирењата според изглед, арома, текстура и, најважно, вкус и чувство во устата.
Патрик МекГиган, експерт за сирење и еден од водителите на церемонијата, истакна дека ова е првпат во 37-годишната историја на натпреварот да се пријават повеќе од 5.000 сирења.
Сирењата се оценуваат со бронзени, сребрени, златни и „Super Gold“ ознаки. Најдобрите 110 со ознаката „Super Gold“ влегуваат во финалето, каде ги дегустира 14-члено Супер жири составено од врвни светски експерти. Секој член избира свој фаворит и објаснува зошто токму тој треба да победи. Крајниот победник се одредува врз основа на конечните оценки на сите 14 судии.

Победник што воодушевува со комплексноста
Оваа година шампионот, "Gruyère AOP Vorderfultigen Spezial", е сирење од сирово кравјо млеко што го произведува Пиуз Хиц од млекарата „Bergkäserei Vorderfultigen“ во подножјето на Алпите. Се соли суво и зрее на штици од сирова смрека, што му дава комплексен умами вкус, прошаран со солени тирозински кристали.
Судијата Пери Вејкман го опиша како сирење со препознатливи „супести и месести“ ноти и прекрасна каменеста текстура. „Овој тип сирење е токму тоа што ги привлекува луѓето кон сирењето. Огромно е. Остава впечаток. Секој што ќе го проба … едноставно се возбудува и сака уште“, истакна тој.
Успехот на "Gruyère" не е изненадување, со оглед на строгите стандарди пропишани со ознаката за потекло (AOP). Слично "Gruyère" победи и во 2022 година, а "Le Gruyère AOP Vieux" беше прогласено за победник на годинешниот „Mondial du Fromage“.
Победничкиот сиренар Хиц изјави дека оваа титула е чест за посветеноста што ја бара производството на сирење, седум дена во неделата, 365 дена во годината. „Тоа е чест за сето време што сирењето го минува со нас — околу 20 месеци“, рече тој, додавајќи дека се радува на позитивното влијание што наградата ќе го има врз неговиот бизнис. Интересно е што истата сиренарница имаше уште едно сирење во финалето — "Gantrisch Bergkäse".

Најдобрите 14 сирења на светот за 2025 година
Покрај победничкиот "Gruyère", во големото финале влегоа сирења од целиот свет. Второ место освои францускиот "Crémeux des Aldudes aux fleurs – Etxaldia", а трето "Appenzeller® Edel-Würzig" од Швајцарија. Меѓу најдобрите 14 влегоа и:
• Gantrisch Bergkäse (Швајцарија)
• Stockinghall (САД)
• Königs-Chäs Rezent (Швајцарија)
• Ossau-Iraty AOP (Франција)
• Aged Rutland Red (Обединето Кралство)
• Hechizo (Шпанија)
• Montana Intenso (Холандија)
• Sparkenhoe Red Leicester (Обединето Кралство)
• Pave Cobble (Обединето Кралство)
• Yozawa Yagi (Јапонија)
• Eniquem Maly princ (Словачка)










