Имала 7 години кога ја напишала песната со која ја предвидела сопствената смрт: На 13 побегнала од дома, на 16 се омажила за 60 години постар маж, па животот ѝ завршил трагично

Точка

14/11/2025

15:40

2.640

Големина на фонт

а а а

Во Советскиот Сојуз во осумдесеттите, името Ника Турбина се изговарало со восхит и неверување. Велеле дека е дете-гениј, поетеса која ги слушала стиховите пред да научи да пишува.

Нејзината поезија ја освојувала публиката и предизвикувала солзи, но зад тоа чудо од дете се криела приказна за осаменост и за дар кој прерано изгорел.

Почеток: Дете со уметничко наследство

Ника е родена на 17 декември 1974 година во Јалта, во уметничко семејство. Мајка ѝ Маја била сликарка, дедо ѝ Анатолиј писател, а баба ѝ Људмила олицетворение на стариот руски интелектуален дух. Од најрано детство Ника боледувала од астма и имала проблеми со спиењето. Ноќе стоела покрај прозорецот и, како што подоцна зборувала, го слушала „Звукот“ – внатрешен глас што ѝ ги диктирал стиховите.

Не знаејќи да пишува, ги будела баба ѝ или дедо ѝ за да ги запишат нејзините зборови. Наскоро во куќата се натрупале тетратки полни со песни – зрели, длабоки и невообичаено сериозни за дете од само пет години.

„Ракописот“ што го запрепасти Советскиот Сојуз

Ника многу рано станала позната. Нејзините песни најпрво биле објавени во весници, а на само девет години излегла нејзината прва збирка со симболичен наслов „Ракопис“. Наскоро целата земја почнала да зборува за неа.


Вистинскиот момент на слава дошол на 6 март 1983 година во Москва, кога ја запознал големиот поет Јевгениј Јевтушенко. Настапувале заедно, а публиката била воодушевена додека девојчето со необична фризура и со бенка над усната ги рецитирало своите стихови. Јевтушенко ја нарекувал „најголемото чудо“, а секој нејзин збор одекнувал како пророштво.

Славата брзо ги преминала границите на Советскиот Сојуз. Ника гостувала во Италија и САД, а поради непрекинатите патувања го напуштила школувањето – немала време за детство.

Подем и пад

На само 12 години, во 1986 година, ја добила престижната награда „Златен лав“ на фестивалот во Венеција – признание што пред неа го добила само Ана Ахматова. Тоа бил врвот на нејзината слава, но и почеток на крајот.

Наскоро потоа, Јевтушенко ненадејно се оддалечил од Ника. Јавноста никогаш не дозна зошто, а нејзиниот пријател, поетот Алберт Бурјакин, подоцна рекол:

„Тоа беше нејзин протест. Протест на тринаесетгодишно дете, но мегапротест“.

Медиумите брзо го изгубиле интересот, а девојчето кое некогаш ги маѓепсувало масите станало само вест од минатото. Советското општество тогаш влегувало во перестројка, а народот повеќе го интересирале празните продавници отколку поезијата. Дома, Ника повторно била сама. Мајка ѝ се премажила и добила друго дете, а целото внимание било насочено кон новиот член на семејството. На тринаесет години, Ника одлучила да побегне од дома.

Меѓу љубовта и бегството

Следните години нејзиниот живот станал маглив. Кога повторно се појавила во јавноста, имала 16 години и била мажена за 76-годишниот швајцарски психолог Џовани Мастропола. Бракот траел кратко – помалку од две години. По разводот, се вратила во Русија, емоционално скршена.


Почнала да пие, како што самата велела, „онака како што порано пишувала“. Се запишала на Московскиот институт за култура, но без приемен испит, затоа што поради дислексијата и забрзаните мисли едвај успевала да го запише она што го мисли. Но, ни таму не останала долго – ги напуштила студиите и заминала во Јалта кај своето момче, каде што почнал најтешкиот период од нејзиниот живот.

Пад и преживување

Во 1997 година доживеала страшна несреќа – паднала од петти кат за време на една пијана расправија. Ника се здобила со тешки повреди: скршеница на 'рбетот, рацете и карлицата. По дванаесет операции и долго закрепнување, помош ѝ пружила нејзината пријателка, актерката Аљона Галич, која организирала собирање средства и сместување во клиника за уметници.

Но, планот пропаднал кога мајка ѝ дошла и на сила ја префрлила во обична психијатриска болница на Крим. Ника оттаму излегла изнемоштена, скршена и без волја за живот.

Последниот ден

Во тој период во нејзиниот живот влегол актерот Александар Миронов, познат по склоноста кон алкохол. На 11 мај 2002 година ја посетиле нивната заедничка пријателка Ина. Во еден момент, Ника останала сама, седнала на прозорецот – како што тоа го правела уште од детството – и паднала.


Никој никогаш не можел со сигурност да каже дали било случајно или судбина. Официјално, случајот бил прогласен за несреќа. Имала само 27 години.

„Крик – како да се прекинува човечки живот“

Уште како дете ги напишала стиховите: „Дожд. Ноќ. Скршен прозорец. И парчиња стакло остануваат во воздухот, како лисја што ветрот не ги понел. Крик – како да се прекинува човечки живот“.

Тие стихови денес звучат како морничаво пророштво. Нејзината баба подоцна рекла: „Ника ја претчувствуваше својата смрт. Ми рече: ‘Ќе умрам на 27. Ама до тогаш ќе умрам десетина пати’“.

На нејзиниот погреб немало камери, цветни венци или официјални говори. Само тишина – и Аљона Галич, единствената пријателка која дошла да се прости со девојчето што зборувало во стихови.

Наследството на една изгубена душа

Ника Турбина зад себе остави само една книга, неколку стотици песни и сеќавање на глас кој ја кажувал вистината пред да ги знае зборовите. Нејзината поезија и денес одекнува – сурова, болна и бескрајно искрена, исто како и нејзиниот живот.