Илон Маск во паника: „Tesla“ се распаѓа, инженерите буквално бегаат!

Точка

13/11/2025

19:49

2.385

Големина на фонт

а а а

Заминувањето на клучните инженери открива длабока промена во „Tesla“, компанија што сè помалку наликува на производител на автомобили и сè повеќе на експериментална лабораторија за роботи и вештачка интелигенција. Додека Илон Маск гради футуристичка визија, фирмата се соочува со пад на продажбата и губење на своите најважни експерти.

Експлозија од откази во момент на „триумф“

Додека Маск ја слави поддршката на акционерите за својот историски бонус-пакет вреден еден билион долари, внатре во „Tesla“ се случува вистински земјотрес. Компанијата, некогаш симбол на иновации, денес бележи масовни заминувања на водечки инженери кои стоеја зад најуспешните модели.

Емануел Ламакија, менаџер за развој на "Model Y", и Сидант Авешти, човекот кој ги водеше програмите за "Model 3" и „Cybertruck“, речиси истовремено објавија дека ја напуштаат компанијата. Двајцата поминале повеќе од осум години во „Tesla“, но решија да си заминат токму сега – во момент кога фирмата сè помалку личи на автомобилски производител, а сè повеќе на хаотична AI-лабораторија.


Од автомобили кон алгоритми

Илон Маск сè поотворено покажува дека иднината на „Tesla“ не ја гледа во нови модели, туку во развој на автономни системи, роботакси и хуманоидни роботи. Проекти што засега не носат никаков приход стануваат врвен приоритет, додека традиционалните сегменти – електричните возила, батериите и мрежата на суперполначи – паѓаат во втор план.

За многу инженери тоа значи крај на онаа магија што ја имаше „Tesla“ во своите почетоци.

„Кога нема нови модели, а целиот фокус е на сечење трошоци, тоа не е инспиративно место“, изјавил поранешен висок директор. „За автомобилските експерти, ’Tesla‘ веќе не е тоа што беше.“


Пазарот се лади, акциите растат

И покрај внатрешните проблеми, инвеститорите и понатаму му веруваат на Маск. Акциите на „Tesla“ пораснаа за 3,7% и достигнаа цена од 445,23 долари, само ден по одобрувањето на неговиот бонус-план.

Но зад тој оптимизам стои пад на продажбата од околу шест проценти на годишно ниво.

Ниту новите, поевтини верзии на "Model Y" и "Model 3" не успеаја да го оживеат пазарот. Побарувачката во САД и Европа опаѓа, купувачите преминуваат кај конкуренцијата, а „Tesla“ веќе две години нема претставено целосно нов модел.

„Cybertruck“, кој требаше да биде симбол на новата ера, се претвори во една од најголемите промашувања на компанијата – продажбата падна за 38%, а следуваа и низа повлекувања.


Роботи наместо автомобили

Опсесијата на Маск со роботика сè повеќе ја дефинира иднината на компанијата. Во фабриката во Фримонт се подигнува нова производна линија за хуманоидниот робот „Optimus“ – проект за кој Маск тврди дека ќе биде следната индустриска револуција и можеби поголем бизнис од автомобилите.

Според Маск, целта е „Tesla“ да произведува еден милион роботи годишно, а подоцна и до десет милиони. Роботот "Optimus" би работел во фабрики, магацини и домаќинства. Но технологијата сè уште е во рана фаза, а експертите предупредуваат дека ќе поминат години пред ова да стане функционално и профитабилно.


Компанија без јасно раководство

Сè почестите заминувања на високи инженери откриваат уште еден проблем – сериозен недостаток на стабилно лидерство. „Tesla“ во моментот нема претседател, нема главен оперативен директор и нема дефиниран план за наследување. Одборот во голема мера е зависен од Маск и неговата визија.

„’Tesla‘ стана компанија на еден човек“, предупредува професорот Гаутам Мукунда од „Yale“. „Тоа веќе не е само ризик – тоа е системска ранливост. Ако Маск исчезне од сцената, целиот модел може да се сруши.“

Додека Маск брка амбиции во роботика и автономно возење, „Tesla“ го губи најважниот дел од себе – тимот генијални инженери кои ја претворија невидената идеја во автомобил што го промени светот.