Првата генерација на која уште од детството ѝ се сервира ултрапреработена храна.
Истражувањето спроведено од Универзитетот во Мичиген доведе до вознемирувачки нови наоди. Тие открија дека генерацијата Икс (Х) (1965-1980), онаа помеѓу бејби-бумерите и миленијалците, е најмногу изложена на ризик за здравјето токму поради храната што ја консумирале или сè уште ја консумираат и ден-денес, пишува „Индепендент“.
Сериозна зависност
Ова е само втора студија во САД што ја проучува поврзаноста помеѓу постарите групи и ултрапреработената храна (УПФ), а укажува дека генерацијата Икс е првата којашто уште од детството имала такви намирници како значаен дел од нивната исхрана. Резултатите се јасни: 21 отсто жени и 10 отсто мажите од генерацијата Икс ги исполнуваат критериумите за зависност од ултрапреработена храна, што ги надминува другите зависности како што се алкохолизмот со 1,5 отсто и пушењето со четири отсто.

Терминот ултрапреработена храна е дефиниран според системот за класификација на храна Нова, развиен од истражувачи од Универзитетот во Сао Паоло, Бразил. Овој систем ја дели храната во четири категории, во зависност од тоа како таа е обработена при производството.
Непреработената или минимално преработената храна вклучува овошје, зеленчук, млеко, риба, јајца и друга храна на која не се додадени други состојки. Преработените состојки вклучуваат сол, шеќер и масла за готвење. Преработената храна ги комбинира првите две групи на сличен начин како што се обработува храната дома, а во неа спаѓаат намирници како што се џем, кисел зеленчук или конзервирано овошје и зеленчук.
Ултрапреработената храна содржи многу состојки кои би било тешко да се најдат во просечните кујни, од кои некои се хемиски конзерванси, емулгатори, засладувачи, вештачки бои и ароми. Меѓутоа, овие состојки сè уште не објаснуваат зошто генерацијата Икс е толку зависна од оваа одредена група на храна и зошто некои членови избегнуваат социјални собири од страв дека на нив ќе се прејадат.
Тие покажуваат силна желба за овие намирници и најчесто неуспешно се обидуваат да го намалат нивниот внес или чувствуваат симптоми слични на апстиненција. Исто така, тие се групата што најчесто страда од прекумерна телесна тежина, се чувствува изолирано и страда од полошо ментално здравје.

Од друга страна, генерацијата бејби-бумери не е толку засегната. Само 12 отсто жени и четири отсто мажи од таа „златна генерација“ се сметаат за зависници од ултрапреработена храна.
Дали е детството виновно?
„Генерацијата Икс беше првата што порасна опкружена со ултрапреработена храна. Ако сте биле дете во 1970-тите или 1980-тите, како мене, веројатно се сеќавате дека бевте бомбардирани со реклами за шарено спакувани грицки, брза храна и готови јадења“, вели д-р Карен Ман, медицинска директорка на дигиталната апликација за здравје „Noom“.
„Таа храна не само што беше достапна, туку беше рекламирана како нешто нормално, забавно и соодветно за целото семејство. Во извесна смисла, генерацијата икс беше првиот тест за тоа како исхраната доминирана од индустриски осмислени, исклучително привлечни производи влијае на долгорочните навики во исхраната. Факт е дека, бидејќи припадниците на таа генерација биле млади во тоа време, нивните вкусови и навики биле формирани многу рано, што довело до тоа тие да имаат тешкотии да ѝодолеат на таквата храна подоцна во животот“, додава д-р Ман.

Тоа беше и генерација каде што двајцата родители работеа, а пообразованото население значеше дека многумина се отселиле од своето пошироко семејство во потрага по нови деловни можности.
„Тоа создаде генерација на ‘деца со клуч околу вратот’ – нашите родители ни оставаа храна како готови пици, палачинки или бисквити за грицкање кога ќе се вратевме дома од училиште. Нашите заби се оштетени, нашите усти се полни со пломби, нашата исхрана страдаше, а сега, како што влегуваме во средна возраст, се соочуваме со високи стапки на метаболички проблеми – зголемување на телесната тежина, кардиоваскуларни ризици и сите тие работи“, додава Роб Хобсон, нутриционист и автор на „Непроцесирај го твојот семеен живот“ (Unprocess Your Family Life).
Иронично, високата калорична содржина и полуиндустриската структура на ултрапреработената храна, што ја олеснува јадењето и варењето, делумно се резултат на работата на американскиот биолог Пол Ерлих, кој предвиде во 1968 година дека САД ќе доживеат масовен глад во 1980-тите.
Ерлих ја напиша тогаш влијателната книга „Популациската бомба“, мрачна, но сосема погрешна книга во која растот на населението по Втората светска војна се сметаше за неодржлив. Тој мислеше дека ќе има толку многу луѓе што сите ќе гладуваат. За да се спречи ова, помеѓу 1980 и 1998 година, се појави „Големата прехранбена“ индустрија за да ги нахрани сите, но на крајот стапката на дебелина се удвои.

„Тој страв од глад создаде голем финансиски поттик за зголемување на производството на енергетски богата храна. Исто така, дојде и до технолошки напредок кој доведе до производство на прехранбени производи сиромашни со хранливи материи, но богати со калории по залак – со премногу заситени масти, премногу додаден шеќер, премногу сол, премалку влакна, но многу евтини“, објаснува Сем Дајкен, истражувач во Центарот за истражување на дебелината при Универзитетскиот колеџ во Лондон (UCL).
Културата на екстремни диети
Тогаш и тутунските компании се вклучиле во производството на храна, користејќи ги своите маркетиншки трикови и производни иновации. Било многу тешко да се избегнат, а пазарот со намирници бил целосно нерегулиран. Тоа било трагично за генерацијата што пораснала на таа храна во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години, по што следел пресврт кој ја влошил ситуацијата уште повеќе.
Откако ги преплавиле со калории, производителите на ултра-преработена храна почнале да продаваат „диетални“ производи како диетална кола, житарици со низок или без маслен процент, јогурти и намази без путер – во кои шеќерот бил заменет со аспартам (кој може да предизвика желба за слатко), а маснотиите биле заменети со шеќер. Токму тоа, сугерира истражување на Универзитетот во Мичиген, може да објасни зошто жените почесто развиваат зависност од ултра-преработена храна.
„Едно од можните објаснувања е агресивниот маркетинг на ‘диеталната’ ултра-преработена храна насочен кон жените за време на 1980-тите. Колачињата со низок процент на масти, оброците за микробранова и другите производи богати со јаглехидрати се продавале како здрава храна, што може да биде особено проблематично за оние што се обидуваат да го намалат внесот на калории. Нивниот вештачки создаден нутритивен профил може да поттикне зависнички обрасци на јадење. Тоа особено ги погодува жените поради општествениот притисок поврзан со тежината“, вели Ешли Гирхарт, професорка по психологија на тој универзитет.

Покрај тоа, на почетокот на 90-тите започнала и културата на диети, па на припадниците на генерацијата „X“ им се нуделе различни опции за губење килограми. Една од нив била и детокс диетата, која вклучувала консумирање само вода или сок, потоа диетата во која седум дена се јадела само нискокалорична супа од зелка, диетата со комбинирана храна во која одредени намирници не смееле да се јадат заедно бидејќи се варат со различна брзина, и Аткинсовите диети кои имале едно правило: јади колку сакаш протеини и масти, но без јаглехидрати. Повеќето припадници на оваа генерација ги испробале речиси сите.
Санирање на штетата
Каролин Бак, здравствен психолог, и д-р Абигејл Фишер, професорка по физичка активност и здравје, работат со Сем Дајкен во Центарот за истражување на дебелината, каде се обидуваат да ги одвикнат здравствените работници од ултра-преработена храна.
„Тие спаѓаат во високоризични групи поради работа во смени и изобилство на ултра-преработена храна достапна во болниците. Откривме дека целата култура на диети всушност е обележје на постарите генерации, не ја забележавме кај помладите учесници во нашето истражување, тие имаат сосема поинаков начин на размислување“, објаснува Бак.

За сите возрасни групи, истражувачите откриле дека комбинацијата на редовни индивидуални видео повици, месечни групи за поддршка, поставување цели, самонабљудување, едукативни брошури и интернет страници со информации претставува најдобар начин за корекција на ситуацијата со исхраната, а сето тоа е темелено на концептот наречен „тркало на промена на однесувањето“ (behaviour change wheel).














