Користење на сперма од исклучен донатор, замена на јајце клетки и непочитување на лимитот за оплодување од едно лице, се само некои од сериозните пропусти наведени во извештаите на инспекциските служби при контрола на центрите за плодност во Белгија.
Извештаите се однесуваат на инспекции спроведени од белгиската Федералната агенција за здравство, благосостојба и спорт помеѓу 2019 и 2025 година во 46-те белгиски центри за плодност. Белгиските медиуми наведуваат дека наодите во извештаите укажуваат дека проблеми во овие центри се многу поголеми отколку што тоа се мислело досега.
При овие контроли е утврдено дека во 2023 година во еден центар за плодност жена била оплодена со сперма што требало да биде повлечена од употреба, затоа што кај дете зачнато со сперма од истиот донатор била дијагностицирана генетско модификација што ги зголемува ризикот од појава на рак, која се наследува од таткото.
По утврдувањето на оваа генетска аномалија овој донатор бил ставен во категоријата „неподобен“, што значи дека неговата сперма повеќе не може да се користи, но сепак со неа била оплодена жена, која веќе родила дете. Засега нема информации дали истата генетска модификација ја има и кај ова дете.
Контролите утврдиле дека со сперма од овој донатор биле оплодени пет жени.

По откривањето на овој пропуст, инспекторите предложиле да му биде одземена лиценцата за работа на центарот и случајот го доставиле до Јавното обвинителство.
Сепак, Обвинителството ја отфрлило пријавата и не покренало постапка, откако вработените во центарот изјавиле дека „не биле свесни дека донаторот е исклучен“. Дополнително, центарот ја задржал лиценцата, затоа што било утврдено дека „ги имплементирал сите дадени препораки“ при контролата.
Инспекторите откриле и дека во два центри за плодност имало случаи на замена на јајце клетки меѓу различни жени.
Во извештајот се наведува дека „еден центар самиот утврдил дека ембрион бил вбризган во погрешна пациентка поради човечка грешка“.
– Сличен инцидент со замена на ембриони бил утврден и во друг центар, посочи Агенцијата.
Овие замени на јајце клетките се случиле во 2022 и во 2024 година, но нема информации дали оплодените жени ги родиле децата.
Утврден е и случај дека сперма од еден донатор од Данска била користена за оплодување на над 50 жени во Белгија и покрај законскиот лимит од максимум шест жени. Дополнително е утврдено дека генетиката на овој донатор носи зголемен ризик од појава на рак.
Инспекторите откриле и дека во еден центар на епруветата со сперма „по грешка“ било запишано името на друга жена, наместо онаа за која било предвидено тоа оплодување. Грешката ја увидел лабораториски техничар и таа сперма не била искористена за инсеминација.
Овој случај инспекторите во извештајот го оквалификувале како „погрешна идентификација“ и „сериозен несакан настан“.
Контролите утврдила дека пумпите на пипетите за сперма не се стерилизираат по секоја употреба, што „претставува потенцијален ризик од вкрстена контаминација и мешање на примероците“.
Инспекторите откриле и случај на „фалсификување“, со тоа што доктор во документите наведувал дека пациентки биле оплодувани во болница, иако всушност постапката се одвивала во неговата приватна ординација.
Ваквото „фалсификување“ се должи на фактот што вештачко оплодување може да се врши само во акредитирана болница за тоа, а спроведувањето на ваквата постапка во неакредитирани и приватни ординации е противзаконско. За прекршување на оваа одредба предвидена е казна затвор „од осум дена до шест месеци“.
И за овој случај инспекторите го известиле Јавното обвинителство, но Агенцијата нема информации дали е покрената постапка против докторот.

Во извештаите се наведени и утврдени „измамнички практики од страна на специјалисти за плодност“ за кои се покренати постапки од страна на Обвинителството и кои, според сознанијата на Агенцијата, се уште траат. Во интерес на истрагата детали за овие откриени „измамнички практики“ не се обелоденети.
Според законодавството, Агенцијата што ги спроведува овие инспекции може само времено да ги затвори медицинските установи или да им ја одземе лиценцата за работа, но не може да изрекува други санкции за одговорните за сторените прекршоци.
Дополнително, Агенцијата посочува и дека има недостиг на персонал за „темелна инспекција на центрите за плодност“, поради што врши помалку контроли од законски пропишаните, како и дека тие понекогаш траат со години.
Коментирајќи ги наводите во извештаите, белгискиот вицепремиер и министер за здравство и социјална политика Франк Ванденбруке изјави дека тие не даваат убава слика за работењето на центрите за плодност во Белгија.
– Извештаите покажуваат дека центрите биле невнимателни. Ова е навистина неприфатливо. Идните родители од странство доаѓаат во Белгија токму поради квалитетот на нашата грижа. Но, сега е време центрите за плодност да се погледнат во огледало, изјави Ванденбруке.
Во однос на поплаките на Агенцијата за недостиг на персонал, министерот изјави дека сака да издвои дополнителни средства за ангажирање на дополнителни инспектори, но дека тоа е дел од „сложените преговори“ за федералниот буџет кои се во тек.













