Човекот кој ги покори социјалните мрежи и стана градоначалник на Њујорк: Кој е Зохран Мамдани?

Точка

06/11/2025

20:25

957

Големина на фонт

а а а

Њујорк доби нов градоначалник – и тоа на многу начини посебен. Зохран Мамдани, 34-годишен демократски социјалист, убедливо победи на изборите и во јануари ќе го замени Ерик Адамс. Со тоа станува најмладата личност на таа функција во последните сто години, но и првиот градоначалник муслиманска вероисповед и јужноазиско потекло во историјата на градот кој никогаш не спие.

Во победничкиот говор веднаш покажа дека нема да штеди зборови. „Ако некој може да ѝ покаже на нацијата која ја издаде Доналд Трамп како да го порази, тоа е градот што го изедри“, порача тој до присутните. На Трамп, очекувано, тоа не му се допадна.

Од рапер до градоначалник на еден од најголемите градови во светот

Кога минатата година објави дека ќе се кандидира за градоначалник, Мамдани за многумина беше целосна непознатост. А денес е политичка сензација за која пишуваат сите американски медиуми.

До пред неколку години бил активен на нјујоршката рап сцена, настапувал под името „Young Cardamom“, а снимил и песна „#1 Spice“ за филмот на Дизни „Кралицата на Катве“, режиран од неговата мајка, познатата режисерка Мира Наир. Музиката сега ја заменил со политика, но енергијата му остана иста – сè уште е гласен, ритмичен и без влакна на јазикот.

Сфатил дека сака да го менува системот

Роден е во Кампала, Уганда, а детството го поминал меѓу Африка и САД. Во Њујорк се преселил со семејството кога имал седум години. Неговиот татко е професор по антропологија на Колумбија, а мајка му е филмска авторка наградена на Кан – така што јавната сцена му била секогаш блиска.

Мамдани дипломирал африкански студии, станал американски државјанин дури во 2018 година, а пред политиката работел како советник за спречување на извршување на имоти, помагајќи им на луѓе со ниски приходи да ги задржат своите домови. Токму тоа искуство, вели тој, го турнало во политиката: „Сфатив дека не сакам само да им помагам на поединци, туку да го менувам системот кој ги уништува.“

Вирален на ТикТок и Инстаграм

Неговата кампања била сосема спротивна од типичните политички кампањи: брза, дигитална, духовита и целосно насочена кон обичните луѓе.

На ТикТок и Инстаграм го следат повеќе од 6,5 милиони луѓе, а неговите објави изгледаат како спој на музички спот и политички манифест. Во едно видео оди по улиците на Њујорк во ритам на хип-хоп, зборувајќи за кириите и цените на градинките; во друго трча маратон додека го прозива поранешниот градоначалник за растот на станарините.


Наместо прес-конференции – прошетки, импровизирани перформанси и хумор. Во едно видео јаде чипс и aлудира на корупциски скандал на Ерик Адамс, а потоа најавува „лов на богатство низ градот“. На тој „лов“ се одзвале илјадници луѓе.


„Сакам градоначалникот да биде некој кого можете да го сретнете на улица и да го прашате што го мачи“, рекол тој. И навистина, деновиве буквално чекорел по Менхетен – околу дваесет километри дневно, снимајќи ја секоја средба.


Се занимава со теми што ги мачат Њујорчани

Мамдани во кампањата се фокусирал на теми што допираат до мнозинството Њујорчани: скапиот станбен простор, трошоците за живот, јавниот превоз и грижата за децата. Тој се залага за бесплатен градски превоз, повеќе социјални станови и даноци за најбогатите. Со кратки зборови – Њујорк прилагоден по мерка на „малиот човек“.

„Победивме затоа што луѓето си дозволија да се надеваат дека невозможното може да стане возможно“, изјавил по победата. И не е случајно што најмногу гласови доби токму во работничките квартови на Бруклин и Квинс.


Последните денови од кампањата ги помина забавувајќи се по клубови

Наместо класични политички собири, 34-годишниот Мамдани во последните денови од кампањата тргна во обиколка на нјујоршките клубови, појавувајќи се зад DJ пултовите, водејќи улични забави и учествувајќи во танцови предизвици.

Снимките од неговите ноќни авантури наскоро ги преплавија социјалните мрежи, а самиот тој во понеделник доцна навечер, само неколку часа пред отворањето на избирачките места, на ТикТок објави петминутно видео насловено: „Една ноќ, шест клубови, градоначалник за секој час.“

Иако не е точно познато кога се снимени видеата, се претпоставува дека се забележани за време на викендот за Ноќта на вештерките, на 31 октомври и 1 ноември.


Видеото ја прикажува ноќната турнеја на Мамдани низ Бруклин, од клубовите „Gabriela“ и „Toñitas“ во Вилијамсбург, преку „Damballa“ и „Mood Ring“, до концертниот простор „Elsewhere“ во Бушвик. По патот ја посетил и забавата на квир колективот „Papi Juice“, застанaл за залак на халал штанд и ја завршил вечерта на улицата „Sutton во Гринпоинт, каде што танцувал меѓу маскираните минувачи.

Нова ера за Њујорк

Зохран Мамдани сега има сè – вниманието на светот, историска титула и огромен предизвик пред себе. Неговиот подем од рап студиото до градската канцеларија е симбол на промени во американската политика: млади, дигитално писмени лидери кои сакаат да ги поместат границите.


Дали ќе успее да ги исполни ветувањата? Тоа ќе се види. Но едно е сигурно – Њујорк досега немал таков градоначалник уште од времето кога политичарите носеле шешири, а скандалите се ширеле преку усно предавање, а не преку вирални видеа.