Зохран Мамдани со чекан и срп на насловната страница на „Њујорк пост“

Макфакс

05/11/2025

13:09

213

Големина на фонт

а а а

Демократскиот социјалист Зохран Мамдани, кој се опиша себеси како „најлошиот кошмар на Трамп“, е избран за нов градоначалник на Њујорк.

На насловната страница на денешниот „Њујорк пост“ пишува: „Социјалистот Мамдани ја доби градоначалничката трка. Црвено јаболко“. Во позадина, Мамдани е прикажан како држи чекан и срп, додека на небото над облакодерите се гледаат три црвени пентаграми.

„По кампањата во која ветуваше високи даноци, бесплатни работи и омраза кон Израел, социјалистот Зохран Мамдани убедливо победи синоќа и ќе стане 111-ти градоначалник на Њујорк“, пишува „Њујорк пост“.

„Њујорк пост“ е еден од најстарите американски дневни весници, основан во 1801 година, а денес е познат како таблоид со изразен сензационалистички пристап. Тој ги претставува конзервативните политички ставови, блиски до Републиканската партија.

Тој често ја критикува политичката левица, прогресивните движења и демократските функционери, додека пишува потврдно за републиканските кандидати и конзервативните прашања. Неговиот стил е провокативен, со заводливи наслови, иронија и визуелно моќни насловни страници.

За што се залага Мамдани?

Политичката платформа на Мамдани се базира на зајакнување на јавните услуги и проширување на социјалните програми, особено во областите на домување и транспорт. Тој се залага за замрзнување на кириите во регулираните станови и изградба на многу достапни станови.

Мамдани, исто така, го поддржува воведувањето бесплатен автобуски превоз и проширувањето на јавниот превоз финансиран од градскиот буџет. Неговите планови вклучуваат зголемување на даноците за најбогатите и најголемите корпорации за финансирање на нови јавни програми.

Во однос на социјалните прашања, тој силно ги поддржува правата на ЛГБТК+ луѓето и проширувањето на пристапот до здравствена заштита. Се залага за бесплатна грижа за децата и намалување на трошоците за живот за семејствата. Во областа на јавната безбедност, се промовира поголема улога на социјалните и услугите за ментално здравје, а воедно се намалува обемот на работа што традиционално се префрла на полицијата.