Зимата не влијае само на луѓето – таа има сериозно влијание и врз автомобилите. Кога температурата ќе падне под нулата, потрошувачката на гориво може да порасне и до 20 проценти, предупредуваат експертите од „Michelin“. Иако производителите дизајнираат возила што функционираат во различни климатски услови, ниските температури сепак го менуваат начинот на кој моторот работи.
Според податоците на „Michelin“, при – 5 степени Целзиусови, автомобилот во просек троши околу 10 проценти повеќе гориво отколку на 20 степени. Во градско возење, каде моторот постојано се вклучува и исклучува, зголемувањето може да биде и многу поголемо.
Причината е едноставна: во зима, моторот има потреба од повеќе време за да се загрее и да ја достигне својата идеална работна температура. Во првите неколку минути од возењето, се вбризгува поголема количина гориво за да се постигне ист ефект како при потопло време.
Дополнително, употребата на клима-уредот, грејачите на стаклата и другите електрични системи ја зголемува потрошувачката уште повеќе.

Маслото, гумите и влагата – тивки виновници
Ниту маслото во моторот не е исклучок. При ниски температури, маслото губи дел од своите подмачкувачки својства, што го зголемува триењето меѓу деловите на моторот. Поради поголемиот отпор, на автомобилот му е потребна дополнителна енергија за работа, а тоа значи повеќе потрошено гориво.
Друг фактор е студениот и влажен воздух што може да се создаде во резервоарот ако не е целосно полн. Влагата се кондензира и може да влијае врз квалитетот на горивото.
Исто така, кога температурата опаѓа, воздухот во гумите се лади, што го намалува притисокот. Понизок притисок значи поголемо триење со подлогата, па автомобилот мора да троши повеќе енергија за движење.

Совети за зимско одржување
Поради сето тоа, експертите советуваат редовна проверка и одржување на возилото во зима.
Гумите треба да се допумпаат на препорачаниот притисок, а моторот е добро да се остави неколку минути да се загрее пред поаѓање.
Така не само што ќе се намали потрошувачката на гориво, туку и ќе се продолжи векот на моторот – нешто што, како што велат од „Michelin“, може да направи огромна разлика во зимските месеци.










