Додека климата брзо се менува, Гренланд, најголемиот остров во светот, буквално го менува својот облик. Неговата почва се извиткува, се движи и се крева, како да дише со планетата.
Новите податоци од научниците покажуваат дека мразот што се насобрал и неговото постојано топење влијае не само на нивото на морето, туку и на темелите на островот.
Во свет на кој сè повеќе му снемува мраз, овие деформации би можеле да имаат длабоко влијание врз иднината на регионот, пишува „Science Alert“.
Според истражувањето спроведено од меѓународен тим научници предводен од Техничкиот универзитет во Данска (DTU), Гренланд физички се менува на начин што би можел да има последици за иднината на навигацијата во околните води. Во текот на 20 години, научниците следеле 58 специфични точки низ територијата на островот, анализирајќи ги сателитските GPS мерења, кои откриле дека копнената маса на островот се движи кон северозапад со просечна брзина од околу два сантиметри годишно. Сепак, движењето не е униформно: на некои места Гренланд се шири, додека на други се намалува.
„Севкупно, ова значи дека Гренланд станува малку помал, што би можело да се промени во иднина“, објаснува геофизичарот Данжал Лонгфорс Берг од ДТУ.







