Со освоени 54 општини и градот Скопје, ВМРО-ДПМНЕ е апсолутен победник на овие локални избори. А владината коалиција, на овие избори, докажа дека е повеќе од стабилна и легитимна, со вкупно освоени 66 општини од вкупно 81, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа голема победа е и голема одговорност и обврска за работа и испорачување на резултати. Благодариме на секој граѓанин кој го даде гласот за ВМРО-ДПМНЕ и нашата коалиција. Ветуваме дека нема да ве разочараме и обезличиме. Нашиот образ мора да биде чист, а тоа ќе го направиме со работа и со проекти. Историска победа и обединувањето на народот на Кичево поради што падна и Фатмир Дехари и ДУИ е благодарност до секој еден Албанец, Ром, Турчин, Влав, Србин, Бошњак, и сите останати кои го дадоа гласот за Александар Јовановски. Обединувањето во Кичево е пример како ќе се гради Македонија“, рече тој.
Мисајловски рече дека има огромна победа во Брвеница на Јовица и покрај, како што кажа, сите дејствија кои ги презема неговиот противкандидат.
„И во Брвеница, Албанците, Ромите, Турците, Србите, Бошњаците, и сите останати, покажаа дека националните и етничките приказни на одредени структури, паѓаат во вода. Сотир Лукровски е новиот градоначалник на општина Карпош. Огромна и важна победа во Карпош. Исто така, победа издвојувавме и во градот Скопје, каде Орце Ѓорѓиевски е новиот градоначалник на градот Скопје. И тука имаме навистина многу работа. Граѓаните одбраа и промени во Валандово, во Дојран, во Дебарца, во Демир Капија, во Крушево, во Пробиштип, во Росоман, во Чучер Сандево, таму локалната власт ќе биде раководена од нови кадри, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Победивме и во Аеродром, Виница, Конче, Неготино, Лозово, Македонски Брод, Могила, Ранковце, Чешиново-Облешево“, рече Мисајловски.
Според него, опозицијата на овие избори е длабоко поразена. Тој смета дека СДСМ и ДУИ мора да се реформираат.
„Нивните политики граѓаните ги имаат прочитано и повеќе не поминуваат. На Македонија и е потребна конструктивна опозиција, која ќе дава аргументирана критика и поддршка на реформите. Кадровските промени на неколку луѓе во СДС, не е реформата која им е потребна. Проблемот во СДСМ е Филипче, затоа што е продолжена рака на Заев и се додека е така, СДСМ ќе тоне. Ги слушаме и граѓаните кои не излегоа на изборите и оние кои излегоа и ги направија своите гласачки ливчиња неважечки. Ние ќе работиме да го промениме нивното мислење со работа и со проекти“, изјави Мисајловски.











