Тошковски ги оцени изборите како најмирни по последните години: Во цела држава имаше 30 пријави, во најголем дел наводите не беа потврдени

Макфакс

02/11/2025

21:03

156

Големина на фонт

а а а

Денеска, како во првиот круг од локалните избори, можеме со гордост да констатираме дека и вториот круг помина во исклучително мирна, фер и демократска атмосфера, рече вечерва министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Изборниот процес кажа дека минал без сериозни инциденти, без нарушување на јавниот ред и мир и без настани кои би го довеле во прашање интегритетот на изборите.

„Граѓаните, институциите, и МВР покажаа зрелост и одговорност што придонесе Македонија да има едни од најмирните избори во последните години. Во текот на денот низ целата држава беа пријавени вкупно 30 настани од кои најмногу пријави беа евидентирани во Скопје. Најчестите пријави се однесуваа на агитирање во близина на гласачки места, вкупно седум случаи, можен поткуп при избори или гласање пет настани, неовластено присуство на гласачко место- четири пријави. Забележани се и изолирани случаи на попречување на гласање, фотографирање на гласачко ливче, неовластено фотографирање на граѓани, како и поединечни настани поврзани со упатени закани. По преземените проверки во 19 од 26 обработени случаи наводите не се потврдени. За дел од нив се утврди дека нема основ за понатамошно постапување, а во други случаи беа изготвени записници и преземени се соодветни мерки. Во моментот за четири настани продолжуваат полициските активности кои се однесуваат на можен поткуп, неовластено фотографирање, агитирање и недолично однесување на членови на избирачки одбор“, извести министерот Тошковски.

Секторот за компјутерски криминал денес регистрирал 18 објави на социјалните мрежи поврзани со изборниот процес. Министерот Тошковски вели дека тие се анализираат и се постапува согласно законските процедури.

Кратко задоцнување на почетокот на гласањето Тошковски рече дека имало на девет избирачки места, а регистрирани се и осум делумно прекини во гласањето поради технички проблеми со апаратите за идентификација кои биле навремено решени и не влијаеле врз текот и законитоста на изборниот процес.