Се сретнаа министрите за одбрана на САД и Кина, Пекинг го предупреди Вашингтон за Тајван

Макфакс

31/10/2025

09:30

173

Големина на фонт

а а а

Американскиот и кинескиот министер за одбрана, Пит Хегсет и Донг Џун, се сретнаа во Куала Лумпур во рамки на состанокот на министрите за одбрана на АСЕАН. Средбата е оценета како добра и конструктивна и претставува сигнал за постепено подобрување на воената комуникација меѓу двете земји.

Хегсет му рекол на кинескиот колега дека САД ќе ги бранат своите интереси и изразил загриженост поради кинеските активности во Јужното Кинеско Море и околу Тајван. Истовремено нагласил дека Вашингтон не бара судир, но ќе ја задржи рамнотежата на силите во регионот.

Кинеското министерство за одбрана соопшти дека Донг го предупредил Вашингтон да биде внимателен со зборови и дела во врска со Тајван и да се спротивстави на неговата независност. Тој додал дека Кина е посветена на мирен развој, но ќе ги брани своите безбедносни интереси.

Според Пекинг, неодамнешната средба меѓу Трамп и Шји Џинпинг дала стратегиски насоки за подобрување на одбранбените односи и потребни се конкретни чекори. Средбата се одржа во момент кога Кина го засилува военото присуство околу Тајван, а САД повикуваат на поголема транспарентност и дијалог за регионалната безбедност и нуклеарното вооружување.