Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не му е дозволено да се кандидира за трет мандат признавајќи ги ограничувањата утврдени во Уставот на САД, објави АФП.
Трамп и неговите поддржувачи постојано го иницираат прашањето за кандидатурата на 79-годишниот лидер во 2028 година, што предизвика загриженост кај неговите противници и радост кај поддржувачите, забележува агенцијата.
„Имам највисок рејтинг на одобрување досега и, знаете, врз основа на она што го читам, претпоставувам дека не ми е дозволено да се кандидирам, па ќе видиме што ќе се случи… Тоа е многу жално“, рече Трамп во авионот „ер форс уан“.
Уставот на САД ги ограничува претседателите на два мандата, а Трамп го почна својот втор мандат во јануари.
Трамп честопати забележуваше дека неговите поддржувачи го поттикнуваат да владее и по сегашниот мандат и покрај уставните ограничувања. Неодамна дури и ги покажа познатите црвени капи во Овалната соба, но со зборовите „Трамп 2028“ напишани на нив.
Обновените разговори за трет мандат доаѓаат откако Стив Бенон, поранешниот главен стратег на Трамп и клучен идеолог на неговото движење „Да ја направиме Америка повторно голема“, минатата недела изјави дека постои план претседателот да остане во Белата куќа.
„Тој ќе има трет мандат… Трамп ќе биде претседател во 2028 година. И луѓето, едноставно, ќе мора да го прифатат тоа“, изјави Банон за „Економист“.
Запрашан за 22. амандман, кој го ограничува бројот на мандати, Банон рече: „Постојат многу алтернативи. Во соодветно време ние ќе го изложиме планот“.







