АфД го обвинува за „воено подбуцнување“, Зелените го поддржуваат: „Идејата има смисла, но е недоволна“

Точка

27/10/2025

18:23

842

Големина на фонт

а а а

Германскиот министер за внатрешни работи предлага училиштата да ги учат децата за кризни ситуации и како да се однесуваат во случај на војна.

Додека некои предупредуваат на ширење паника, други веруваат дека станува збор за неопходна подготовка на населението. Сојузниот министер за внатрешни работи Александер Добриндт (CSU) предложи учениците во училиштата во Германија систематски да бидат подучувани како да реагираат во кризни ситуации и во случај на војна.


Тој планира на конференцијата на покраинските министри за внатрешни работи во ноември, да предложи воведување на специјални двочасовни предавања на оваа тема. „Важно е младите луѓе да разберат какви закани може да постојат и како да се подготват за нив. Децата се важни пренесувачи на знаење во семејството“, изјави Добриндт за „Handelsblatt“, пренесе Дојче веле.

Левицата и АфД критикуваат, Зелените поддржуваат

Предлогот предизвика силни реакции во Бундестагот. Опозициската Левица смета дека ова „шири страв кај децата и младите“, додека делумно десничарската радикална Алтернатива за Германија (АфД) го обвинува министерот за „воено подбуцнување“. Пратеникот на АфД, Готфрид Курио, тврди дека Добриндт сака „да ја направи војната неизбежен дел од секојдневниот живот“. Зелените, од друга страна, веруваат дека идејата има смисла, но е недоволна. Нивниот пратеник Леон Екерт предлага постојниот „Ден на предупредување“ да се прошири во национален ден за вежбање, со цел практично да се подготват граѓаните за кризни ситуации.


Дури и за време на мандатот на претходната влада, тогашната министерка за образование Бетина Старк-Вацингер (ФДП) презентирала сличен предлог. Тогаш таа се повикала на практиката во Велика Британија, каде што вежбите за вонредни ситуации се дел од училишната програма. Министерот Добриндт, исто така, најави нов „пакт за заштита на населението“, кој би вклучувал подобрување на системот за предупредување, означување на заштитни зони и обезбедување основни потреби во вонредни околности.

„Нема ништо лошо во тоа секој во домот да има основни прехранбени производи, батерии и радио. Тоа не е паника, тоа е разумна подготовка“, рече Добриндт. Тој додаде дека интересот на граѓаните за прирачниците за цивилна заштита е голем и дека тоа покажува како луѓето „сакаат да бидат подготвени“ во случај на криза.